Во Кина се појави нов дигитален феномен – апликацијата со мрачно име „Дали си мртов?“ (Are You Dead?), која во многу кратко време стана најпреземаната платена апликација во земјата, јавува BBC.
Апликацијата е едноставна, но вознемирувачка: корисникот мора на секои два дена да го притисне големото копче за да потврди дека е жив. Ако тоа не се случи, автоматски се известува однапред одредена контакт личност, која се предупредува дека корисникот можеби е во опасност.
Иако апликацијата беше лансирана минатиот мај, вистинскиот бум се случи последните недели, особено меѓу младите луѓе кои живеат сами во големите градови. Според проценките, до 2030 година во Кина би можело да има дури 200 милиони домаќинства со една личност, што ја прави апликацијата целосно фокусирана на оваа група.
„Ова е потребно за луѓето кои живеат сами, без разлика на животната фаза. Исто важи за интроверти, лица со депресија, невработени и сите во ранливи ситуации“, вели еден корисник на кинеските социјални мрежи. Друг додава: „Секогаш постои страв дека би можел да умрам сам, а никој да не забележи. Кој ќе дојде по моето тело?“
38-годишниот Вилсон Хоу, кој живее и работи во Пекинг, ја презел апликацијата за да се осигура дека, доколку се случи нешто со него, неговата мајка ќе биде известена. Тој апликацијата ја инсталирал веднаш по нејзиното појавување, стравувајќи дека би можела да биде забранета поради негативните конотции на името.
Името на апликацијата предизвика контроверзии – дел од корисниците сметаат дека го „повикува лошото“ и предлагаат промена на името во нешто пооптимистично, како „Дали си добро?“ или „Како си?“. Компанијата Moonscape Technologies размислува за промена, но признава дека токму провокативниот назив ја направил апликацијата популарна.