Дали тетоважите предизвикуваат рак на кожа?

Тетовирани лица би можеле да имаат зголемен ризик од развој на рак на кожа, особено меланом, предупредува тим шведски епидемиолози и токсиколози.

Научници од Универзитетот во Лунд, Шведска, анализирале податоци од речиси 3.000 лица кај кои била дијагностицирана болест, како и околу 8.500 здрави испитаници.

„Меѓу учесниците со меланом, 22 проценти биле тетовирани, во споредба со 20 проценти во контролната група. Но, кога ги земавме предвид животните навики кои можат да ја искриват оваа поврзаност, утврдивме 29 проценти зголемен релативен ризик кај тетовираните лица“, изјави Емели Риц Лилједал од Универзитетот во Лунд.

„Можат да бидат фактор на ризик“

Резултатите, кои ги вклучуваат факторите како изложеност на сонце, користење солариуми и тип на кожа, ги навеле истражувачите на заклучок дека „тетоважите можат да бидат фактор на ризик за појава на меланом на кожа“.

Истражувањето е објавено во списанието European Journal of Epidemiology и претставува најнов придонес во сè поголемиот број студии кои се обидуваат да ја разјаснат долго сомневаната поврзаност меѓу тетоважите и ракот на кожа.

Сепак, истражувачите нагласуваат дека „резултатите треба да бидат потврдени со дополнителни епидемиолошки истражувања, пред да може да се зборува за директна причинско-последична врска“. Како причина за спроведување на студијата ја наведуваат истовремената појава на нагло зголемување на случаите на меланом и брзиот раст на трендот на тетовирање.

„Телото ја доживува мастилото како туѓо тело“

„Присуството на канцерогени хемикалии, како полиароматски јаглеводороди, ароматски амини и тешки метали во мастилата за тетовирање, ја оправдува потребата од истражување на ризикот од меланом поврзан со тетовирањето“, наведуваат научниците.

Тие објаснуваат дека кога мастилото се вбризгува во кожата, телото го препознава како туѓа супстанција, што го активира имунолошкиот систем. Притоа, одредени пигменти можат да се разградуваат во „штетни хемикалии кои потенцијално можат да предизвикаат рак“, особено ако лицето се изложува на сонце по тетовирањето.

„Затоа е неопходно дополнително да се разјасни дали постои директна поврзаност меѓу мастилото за тетоважи и ракот на кожа“, изјави Кристел Нилсен, вонредна професорка и истражувачка по епидемиологија на Универзитетот во Лунд.

Зачлени се на нашиот е-билтен