Кандидатите за ДКСК денеска се најдоа под дополнителен лупа во Собранието, каде интервјуата за нов член на Антикорупциската комисија отворија прашање не само за стручноста, туку и за политичката дистанца на оние што треба да влезат во институција која по дефиниција мора да биде надвор од партиски и семејни сенки. Ова е особено чувствително затоа што собранискиот оглас бара кандидатот во последните 10 години да не бил донатор на политичка партија и да не извршувал функција во партиски орган.
Во трката влегоа Антонија Андонова-Тасевска, Владимир Клековски, Милка Муратовска и Борче Стојановски, додека Марија Катралова Китанов не присуствуваше на интервјуто и со тоа пријавата ѝ се смета за повлечена. Но уште пред бодувањето, самиот состав на листата го наметна непријатното прашање дали постапката навистина филтрира сомнежи или само формално ги префрла во следната фаза.
Телма објави дека Антонија Андонова-Тасевска се совпаѓа со лице од донаторските листи на ВМРО-ДПМНЕ од 2017 година, со донација од 25.000 денари, додека во донаторските извештаи за претседателските избори во 2014 година се појавува и Борче Стојановски со донација од 15.000 денари. Кај Стојановски времето формално ја оттурнува правната пречка, затоа што поминале повеќе од 10 години, но кај Андонова-Тасевска останува прашањето дали проверката на податоците ќе биде суштинска или само нотарска формалност. Таа на интервјуто негираше партиска поврзаност и рече дека не се сеќава на евентуална донација од тој период.
Дополнителна непријатност за целиот избор е и кандидатурата на Владимир Клековски, брат на актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Во момент кога јавноста и онака има ниска доверба во институциите, ваквите биографии можеби не се автоматска забрана, но се сериозен тест за кредибилитетот на изборот. Затоа, проблемот не е само кој ќе биде избран, туку и дали Антикорупциската повторно ќе добие член чие име уште на влезот отвора сомнеж наместо доверба.
