Даниловски: На Скопје му се заканува лептоспироза, хантавирус, па дури и бубонска чума, Рубиконот е преминат

Епидемилогот Драган Даниловски алармира дека на Скопје му се заканува лептоспироза, хантавирус, па дури и бубонска чума и дека Рубиконот е преминат.

Во објава на социјалните мрежи, познатиот епидемиолог и биостатистичар укажува дека во Скопје последниве месеци (и години) сме сведоци на состојба што сериозно го доведува во прашање јавноздравствениот минимум на еден модерен град.

Следува целата негова аларматна објава во целост:

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ практично не функционира, а купишта ѓубре се натрупани околу контејнерите.

Оваа слика веќе не е само прашање на естетика или урбан ред — туку прашање на јавно здравје.

Состојбата кулминираше со немил настан: дете беше каснато од глушец во училишен двор, во чија непосредна близина имало насобрано ѓубре. [1]

Тоа не е повеќе инцидент, туку симптом на системски распад. Прашање е на време кога ваквиот немар ќе доведе и до пренос на зараза.

„Мијазмата“ во нашата метропола — за која предупредував уште во јули 2023 година (ФБ статус од 11 јули 2023) — не само што не исчезна, туку се продлабочи. [2]

Купиштата ѓубре создадоа идеални услови за развој и размножување на глувци и стаорци – познати преносители на сериозни заразни болести: лептоспироза, хантавирус, па дури и бубонска чума.

Тие болести се пренесуваат преку урината, изметот, плунката и болвите на глодарите.

Познато е дека стаорците се размножуваат според експоненцијална прогресија: во период од само 18 месеци еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци.

Тоа е биолошки факт. Експоненцијалниот модел претпоставува неограничени ресурси како храна, вода и простор. Таа претпоставка во Скопје е исполнета!

Прашањето што се поставува е:

Колку ли се накотени досега, кога условите се оптимални, а сметот се натрупува со месеци (и години)?

Епидемиолошките ризици во вакви услови се реални и растат експоненцијално.

Историјата нè потсетува дека неконтролираното ширење на глодари може да има катастрофални последици.

Во Средниот век, меѓу 1347 и 1352 година, бубонската чума („црната смрт“) однесе од 75 до 200 милиони животи – речиси половина од населението на Европа.

Секако, денес имаме научна медицина, јавноздравствени системи и антибиотици, но би било неодговорно да дозволиме да се создава биолошки резервоар на зараза во срцето на главниот град.

Каснувањето на дете од глушец во училишен двор е црвена линија што не смееше да се премине!

Преминат е Рубиконот. Нема назад.

Во медицината постои еден етички принцип – Primum non nocere („пред сè, не прави штета“).

Тој принцип мора да важи и надвор од медицината: за сите професии и институции што имаат допир со граѓаните.

Причините – организациски, политички или финансиски – стануваат ирелевантни кога се доведува во прашање здравјето и безбедноста на децата и граѓаните.

Потребна е најитна, координирана интервенција на сите надлежни институции – по потреба и со прогласување вонредна состојба на делови од територијата на градот. Првенствено заради дезинфекција, дезинсекција, дератизација и отстранување на ризикот по јавното здравје.

Откако опасноста ќе се неутрализира, мора да следи и јасна институционална одговорност.

Зашто, правото на здравје е уставно загарантирано право на секој граѓанин.

Зачлени се на нашиот е-билтен