Данска: Ако САД го нападнат Гренланд, НАТО завршува

Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека евентуален американски воен напад врз Гренланд би значел „крај на НАТО“ и распад на безбедносниот поредок што ја држи Европа стабилна од крајот на Втората светска војна. Во интервју за данската ТВ2, таа порача дека во такво сценарио „сè би запрело“, вклучително и Алијансата, бидејќи би се работело за напад врз територија што е дел од Кралството Данска – држава членка на НАТО.

Предупредувањето доаѓа по нови изјави на американскиот претседател Доналд Трамп дека „му треба Гренланд“ од национално-безбедносни причини и дека прашањето ќе се „реши“ во релативно краток рок, при што во јавноста повторно се отвори прашањето дали Вашингтон размислува за употреба на сила или економски притисок. Реториката дополнително се заостри откако американската операција во Венецуела го отвори стравот во европските престолнини дека администрацијата е подготвена да оди подалеку од класичната дипломатија кога проценува дека се работи за стратешки интерес.

Гренланд е самоуправна територија, но формално припаѓа на Кралството Данска, што значи дека безбедносно „паѓа“ под данската НАТО-членка и под принципот на колективна одбрана. Тој принцип е артикулиран во член 5 од Вашингтонскиот договор: вооружен напад врз една членка се смета за напад врз сите, а сојузниците имаат обврска да ѝ помогнат на нападнатата земја со мерки што сами ќе ги оценат како неопходни. Во практична смисла, токму ова е „црвената линија“ на Фредериксен: ако една НАТО-држава нападне друга, тогаш Алијансата престанува да има смисла како систем на гаранции.

Од Нуак, премиерот на Гренланд Јенс-Фредерик Нилсен ја отфрли реториката за „анексија“ како неприфатлива и порача дека Гренланд не може да се споредува со Венецуела и дека разговор може да има само во рамки на дипломатија и почитување на суверенитетот. Во исто време, повеќе европски лидери јавно застанаа зад Данска, меѓу нив и британскиот премиер Кир Стармер, кој изјави дека иднината на Гренланд можат да ја одлучуваат само Гренланд и Кралството Данска, со јасна алузија дека меѓународното право не може да биде „опционално“ во односите меѓу сојузници.

Во НАТО-рамки, на темата се надоврза и германскиот министер за надворешни работи, кој порача дека заштитата на Гренланд – доколку воопшто се постави како реална потреба – треба да се дискутира внатре во Алијансата. Пораката е симптоматична: Европа се обидува да ја „врати“ кризата во институционални канали пред да стане политика на свршен чин.

Зад политичката врева стои и старата арктичка равенка: Гренланд има стратешка позиција, безбедносно присуство на САД веќе постои преку одбранбени договори и бази, а со топењето на мразот и трката за ресурси и рути расте притисокот големите сили да го „заклучат“ влијанието. Но токму затоа изјавата на Фредериксен звучи како аларм за цела Европа: ако спорот за Гренланд се претвори во сила меѓу сојузници, тогаш член 5 станува празна формула, а НАТО – организација без веродостојност.

Зачлени се на нашиот е-билтен