Дарио Ивановски со историски триумф на Виз Ер Скопскиот маратон 2025

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски запиша историски успех освојувајќи го првото место во машка конкуренција на 21. издание на Виз Ер Скопскиот маратон 2025, со што за првпат во својата кариера стана победник во престижната маратонска трка пред домашната публика.

Ивановски до триумфот стигна во возбудлив финиш, со време 2:14:50 часа, пред минатогодишниот победник Џулиус Кипкоеч од Кенија (2:15:20 ч.), а третото место го освои Давити Каразишвили од Грузија (2:19:59 ч.).

Во женска конкуренција, првото место ѝ припадна на Ирине Џеруто од Кенија (2:38:31 ч.), втора беше Маринела Нинева од Бугарија (2:45:36 ч.), а третата позиција ја освои Ана Јусупова од Азербејџан (2:48:10 ч.).

Оваа година, Скопје повторно пулсираше во ритамот на трчањето — на улиците на главниот град излегоа над 14.000 учесници од 58 земји, што го прави ова издание најмасовно во историјата на маратонската манифестација.

Трките започнаа во 08:00 часот пред Собранието на Македонија, а во рамките на настанот се одржаа и Балканско и Национално првенство во маратон.

Во полумаратонската трка, најбрз кај мажите беше Албион Имери од Албанија (1:07:57 ч.), а меѓу жените победи Греша Бакрачи од Косово (1:20:50 ч.).

Во трката на 5 километри, македонскиот атлетичар Григоријан Никовски го освои првото место со време 15:53 минути, додека кај жените триумфираше Ирма Хајдари (18:54 мин.).

Покрај натпреварувачкиот дел, годинашниот маратон се одликуваше и со весела и поддржувачка атмосфера: долж патеката беа поставени 26 музички точки, а 500 волонтери се грижеа за тркачите, делејќи 25 тони вода и 2 тони овошје.

„Ова е голем ден за македонската атлетика. Победата на Дарио Ивановски е резултат на неговата посветеност и дисциплина, но и инспирација за младите тркачи кои сонуваат еден ден да стојат на подиумот на Скопскиот маратон,“ изјави Кире Синадиновски, спортски директор на манифестацијата.

Виз Ер Скопскиот маратон 2025 уште еднаш го претвори Скопје во град на спортот, пријателството и позитивната енергија, обединувајќи илјадници луѓе со истата страст – љубовта кон трчањето.

Главен покровител на настанот е Министерството за спорт на Република Македонија, а покровител е Канцеларијата на Европската Унија во Скопје.

Сите официјални резултати може да се најдат на: www.skopskimaraton.com.mk/rezultati2025

Зачлени се на нашиот е-билтен