Средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски започна денеска во Давос, на маргините на Светскиот економски форум, во услови на засилени дипломатски активности за можен договор за прекин на војната во Украина. Украинското претседателство соопшти дека разговорите почнале нешто по 13 часот по локално време.
Трамп, непосредно пред средбата, изјави дека напорите за мир „се приближуваат“ и дека „мора да се заврши“, додека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф на форумот оцени дека преговорите се сведени „на едно последно прашање“, без да открие детали за тоа што конкретно останува отворено.
Зеленски дојде во Давос по неколкудневни најави дека патувањето ќе зависи од тоа дали може да се постигне напредок за американски безбедносни гаранции и поддршка за поствоена обнова, додека во Украина продолжуваат нападите врз енергетската инфраструктура и проблемите со греење и струја во делови од земјата.
Паралелно со разговорите во Швајцарија, Виткоф и Џаред Кушнер, според најавите, треба да отпатуваат во Москва за средба со рускиот претседател Владимир Путин, како дел од истата дипломатска линија за можен договор. Кремљ потврди дека таков состанок е планиран, а Путин претходно најави дека ќе се разговара и за можноста замрзнатите руски средства да се користат во реконструкција на територии под руска окупација, како и за иницијативата на Трамп за „Мировен одбор“.
Според Асошиејтед прес, средбата Трамп–Зеленски траела околу еден час и била насочена кон ставање крај на војната, при што Трамп ја оценил како „продуктивна“.