Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дебата: Државна матура или приемен испит на факултетите?

Дали државната матура е успешен концепт или е неопходно повторно да се воведе приемен испит при запишување на факултет и дали на завршниот испит за средношколците му  се потребни промени и приспособувања на новото време. 

Овие прашања беа отворени на дебата организирана од Американскиот универзитет на Европа – ФОН на која дискутираа негови студенти и претставници на образовни установи, како и двајца поранешни министри за образование и наука – Никола Тодоров и Мила Царовска.

Тодоров, во чиј мандат спроведувањето на матурата беше во почетоците, смета дека таа не треба да биде укината, туку постојано да се евалуира дали концептот е адекватен на потребите на општеството. Во 2009 година, кога беше именуван за прв човек на МОН, рече дека резултатите од тестовите биле разочарувачки, но дека слаби резултати и проблеми се очекувани од секоја нова реформа.

-Но, тоа не значи да не внимаваме на грешките и проблемите. Државната матура е систем кој треба да опстојува, добро е поставен, се развива и не треба да биде статичен. Имаме обврска постојано да правиме евалуација на концептот и дали тој одговара на она што сакаме да го постигнеме во општеството и да ја прилагодиме на барањата на иднината. Државната матура треба да биде тест – што сакаме во иднина да добиеме – дали е потребно само репетитивност на знаењето, дали сѐ да се знае во време кога почна да функционира вештачката интелигенција. Да се обидеме да видиме што ќе се случува во иднината и што ќе бара пазарот – каков тип на знаење и вештини ќе му требаат. Ако ги прашате учениците, тие ќе бидат среќни да не полагаат матура, но барањата на општеството се други и нивните потреби во иднината се други. Не смееме да дозволиме моменталниот став на секој ученик да го загрози општеството во иднина,  рече ексминистерот и адвокат Тодоров.  

Според Царовска, дебати за државна матура се потребни во текот на целата учебна година, а не само кога таа завршува, и смета дека тие секогаш се сведуваат на прашањето дали треба да се полага овој завршен испит. Рече дека матурата е неопходна како своевиден пресек за постигнатото и подготвеноста на ученикот за следното образовно ниво. 

– Матурата како нешто што сме го постигнале, мора да остане. Во регионот сме меѓу првите земји кои ја воведоа. Се мериме со другите земји врз основа на нашите достигнувања што укажува дека тоа е постигнат стандард и не смееме да го нарушиме и не би требало да се вратиме чекор назад. На крајот на средното има матура која треба да направи пресек што сме научиле и колку таа генерација е понатаму спремна да се вклучи во високо образование или во технички струки. Во некои земји и на крајот на основно има проценка дали се постигнати одредени знаења. Дали матура или приемен испит – мислам дека  не се исклучуваат едно со друго, рече поранешната министерка Царовска, основачка и извршна директорка на СИГА (Асоцијација за одржлив и инклузивен развој).

И Маја Салиу, директорка на средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“, смета дека концептот државна матура треба да се задржи како постигнат стандард, но треба да се модифицира според видот на образование затоа што, рече, со постојниот концепт недоволно  се оценува стручноста и вештините на учениците во стручните училишта какво што е и медицинското. 

-Тоа би  значело за стручните, но и за гимназиските училишта. Не се кој ученик има исти афинитети. Треба да се има персонализиран пристап на потребите и можностите на ученикот…. Секако, стандардизирани тестови мора да постојат зашто нема поинаков начин да се селектираат голем број ученици. Затоа, едно треба да биде заокружување на образованието, а друго да биде приемен испит за влез на факултет. Мислам дека тие две работи се подеднакво важни затоа што факултетите најдобро знаат кои компетенции треба да ги има некој ученик за утре да биде успешен студент и професионален во некоја област, рече Салиу. 

Државната матура во училиштата во земјава почна да се спроведува од 2007 година. Претходната, 2006-та, беше реализирана како пилот-проект во три општини, со полагање Мајчин јазик (македонски, албански и турски) и литература, како задолжителен екстерен испит, и изборен испит од предметите: математиката или еден од четири странски јазици. 

Оттогаш таа континуирано се организира на крајот на секоја учебната година, освен во 2019/2020 кога, поради КОВИД-пандемијата, со одлука на Владата и на тогашниот министер Арбер Адеми, беше укината за таа генерација матуранти. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен