Дебатите за Европа продолжуваат со Втората скопска дебата за Европа (17-19 ноември). Се работи за заедничка иницијатива на Фондацијата С. Фишер (S. Fischer Stiftung) и Германската академија за јазик и литература (Deutsche Akademie für Sprache und Dichtung). Скопското продолжение на дебатите започнува денеска во 18:30 часот во Чифте Амам, Скопје.
Дебатите за Европа ќе траат до 19 ноември, а програмата опфаќа јавни панел дискусии и литературни читања, како и интерни сесии, со цел да се истражат нови начини како земјите во Југоисточна Европа се гледаат себеси и едни на други – и како регионот може да одигра конструктивна улога во заедничката европска иднина.
Од своето основање во 2012 година, серијата Дебати за Европа се одржува на места каде што идејата за Европа е во ризик. На меѓународните форуми за дискусија организирани во соработка со локални актери, главно во Источна и Југоисточна Европа, дебатите се осврнуваат на најитните прашања од европската агенда.
„Додека војната повторно го прогонува европскиот континент, политичкиот проект Европа мора да се размислува одново. Наместо уште поблиска интеграција на неколку основни европски земји, натамошното проширување на ЕУ сега е повторно на агендата – не само како економска и социјална цел, туку како безбедносна мерка, за да се постигне долгорочна стабилност во сè понестабилната геополитичка ситуација. Западен Балкан повторно е во фокусот, заедно со Украина и Молдавија. Ова несомнено го поместува центарот на гравитација на исток, не само географски, туку и кога станува збор за тоа чија перспектива е релевантна, а чија не. Но, каде стои Југоисточна Европа денес? Кое е неговото место во новата геополитичка констелација? Дали нејзините конфликти навистина се минато? И како различните земји во регионот пристапуваат кон предизвикот за создавање инклузивни и одржливи општества, каде правата на малцинствата се одговорност на мнозинството?“, се наведува во соопштението на организаторите на втората скопска дебата за Европа, Контрапункт и Дебати за Европа.
Следејќи ја дебатата во Софија за Европа одржана во февруари и на белградските разговори за војна и мир оваа есен, водечки експерти, писатели и креатори на мислење ќе се сретнат во Скопје за да се осврнат на регионалните прашања и состојби и нивната важност за иднината на Европа, како акутни и итни политички прашања кои се последица на долгорочни општествени и историски превирања во регионот.
На првата дебата „Косово меѓу геополитичкиот знак и конфликтната реалност“ вечерва во Чифте амам ќе говорат Соња Бисерко (Србија), Ветон Сурои (Косово) и Сергеј Лебедев (Русија; во егзил). ЦИВИЛ МЕДИА направи ексклузивно интервју во два дела со Сурои, токму во пресрет на овој важен настан. Програмата на настанот може да се најде на следниот ЛИНК.
Б. Ј. (ЦивилМедиа)