Дејан Митески ветува чист Аеродром, повеќе паркинг и спорт за сите

Во „Back2Back“ интервјуто на Рацин.мк, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Аеродром, Дејан Митески, настапи со јасна листа на испораки и рокови: пуштање во употреба на градинката „Изворче“, доградбата на ООУ „Блаже Конески“, новата спортска сала во Долно Лисиче и фокус на паркинг-политиката во урбаниот дел – веднаш на стартот од мандатот. Пораката е проста: без „големи приказни“, со конкретни објекти и датуми.

На темата чистота, Митески изнесе бројки што се мерат со камиони: општинските екипи депонирале над 600 тони отпад на „Дрисла“ за само четири дена, како кризен одговор на застојот во градското јавно претпријатие. Наместо „акција на една локација“, тој најави паралелно чистење низ целиот Аеродром – сè додека не се нормализира системот.

Сообраќајот и паркингот се втората оска: едносмерни улици во Стар Аеродром и Мичурин за побезбеден и побрз проток, зонско паркирање каде што е неопходно, 500–800 нови паркинг-места според готови студии, и „издишување“ преку мостот кон Гази Баба во шпицовите. Дополнително, интеграција со државниот систем „Безбеден град“ за поефикасна контрола и безбедност.

За младите, наративот е „спорт, бесплатно и на чекор од дома“. По калистеника-паркот во срцето на Аеродром, следуваат уште десет фитнес-зони, спортска сала во Долно Лисиче, уште една во рамки на Воената академија и нов спортски дом во Ново Лисиче, зад ФФМ – инфраструктура што, како што вели, ќе биде достапна без надомест за масовен, аматерски спорт.

Иако третманот на уличните кучиња е формално надвор од општинските надлежности, Митески го означи како „прв приоритет“ од трите понудени опции, со најавена координација со Град Скопје и ЈП „Лаика“ за нов, поефикасен модел.

Транспарентноста е третиот столб. Минатиот декември, Аеродром одржа седум буџетски форуми и се искачи на врвот по буџетска и фискална транспарентност. Во новата програма влегува „Твој данок, твој проект“: жителите, според износот на локалниот данок по населба, ќе предложуваат приоритетни проекти – јавен механизам што врзува приход со јавна корист.

Урбанизмот, најжешката тема од минатото, доби две конкретни ветувања: задржување на намалувањето од над 80% на издадените одобренија за градба во однос на претходниот мандат, зајакнат инспекциски надзор и продолжување на практиката за пренамена на дел од маркиците од згради во паркови – „хумана урбанизација“ наместо хаотична пренатрупаност.

Политичкиот стил го дополни со отвореност: електронски седници на Советот, стремеж кон консензус и соработка со опозицијата и кога мнозинството е обезбедено (15 советници по првиот круг). Рамката е јасна – стабилно мнозинство, но и простор за идеи што носат корист за жителите.

Целото соочување со неговиот против кандидат Алекдандар Трајановски може да го погледнете во видеото:

Зачлени се на нашиот е-билтен