Делегацијата на ЕУ во Србија за протестите: Слободата на собирање е фундаментално право

Делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Србија, заедно со амбасадите на земјите-членки на ЕУ во Србија, соопштија дека Брисел „внимателно ја следи“ актуелната политичка ситуација во Србија.

Соопштението беше објавено денеска, на 14 март, ден пред протестот во главниот град на кој беа повикани студентите кои веќе три и пол месеци ги блокираат факултетите низ Србија.

„Слободата на собирање е фундаментално право што треба да се заштити и да се остварува на мирен начин, истовремено обезбедувајќи ја безбедноста на учесниците и институциите. Мора да се избегне насилство“, наведува Делегацијата на ЕУ во Србија.

Во соопштението се додава дека „ЕУ останува посветена на поддршката на напорите на Србија за напредок на нејзиниот пат кон Европската унија“.

ЕУ повика на „вистински дијалог“ со вклучување на сите засегнати страни во Србија во контекст на унапредување на реформите и зајакнување на владеењето на правото.

Црвената тупаница стана симбол на протест по уривањето на Железничката станица во Нови Сад. „Рацете ви се крвави“, стана една од главните пароли, порака од демонстрантите до властите во Србија.

Студентите во блокадата, меѓу другото, бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица при уривање на настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година. Нив ги поддржаа дел од просветните работници кои ја прекинаа наставата, адвокатите и дел од земјоделците и културните работници.

Масовни протести и блокади досега се одржаа во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.

Денови пред протестите, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека очекува „опозицијата да организира големо насилство на 15 март“ и дека „сите што ќе учествуваат во тоа ќе бидат уапсени“. Тој во таа прилика не изнесе никаков доказ за овие тврдења.

Студентите во блокадата негираа дека подготвуваат какво било насилство, потсетувајќи дека сите претходни собири биле ненасилни.

Десетина дена пред протестот, групата „Студенти 2.0“ кампуваше во Пионерскиот парк, во непосредна близина на Собранието на Србија, каде што требаше да се одржи протестот на блокираните студенти и граѓани. Тие се нарекуваат „студенти кои сакаат да учат“ и бараат прекин на блокадите.

Тие досега беа поддржани од ветераните на контроверзната Единица за специјални операции, осудениот воен злосторник Владимир Лазаревиќ, а поранешниот командант на жандармеријата Горан Радосављевиќ беше поврзан со убиството на браќата Битиќи, за што Стејт департментот му забрани влез во САД.
Студентите кои се противат на блокадите беа поддржани и од Павле Бихали, лидер на екстремно десничарското движење „Левијатан“ и Миша Вачиќ од ултрадесничарската српска десница.

Дел од јавноста ја обвини Српската напредна странка дека стои зад организацијата на протестот, што дел од насобраните во паркот го демантираа.

Зачлени се на нашиот е-билтен