Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ден на Европа: ЕУ е проект што не обединува, заедно сме посилни

Европска Унија пред се е идеја и сон за Европа обединета во мир, која работи за поголем просперитет и го подобрува животот на луѓето, порача претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел по повод Денот на Европа – 9 мај. 

– Денеска, на Денот на Европа, време е да ја потврдиме нашата цврста решеност за продолжиме, дел по дел, да го градиме овој европски проект што не обединува сите нас. Наведе Мишел во кусата видео порака објавена на социјалните мрежи. 

Претседателката на Европската комисија во пораката по повод Денот на Европа нагласи дека на денешниот ден и изразуваме почит на визијата на Роберт Шуман за обединета, мирна и просперитетна Европа.  

– Ги славиме луѓето кои ја изградија нашата Унија и оние кои продолжуваат да ја градат секојдневно. Овој ден им припаѓа на сите Европејци – сонувачи и градители. Заедно, ние сме посилни, наведе Фон дер Лајен на платформата Икс.  

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел нагласи дека ба денешниот Ден на Европа ја одбележуваме визијата на Шуман, што ги постави темелите на нашата Унија.  

– Со оглед на тоа што војни беснеат околу нас, од Украина до Газа, пораката дека поранешните непријатели можат да постигнат мир и да изградат подобра иднина е порелевантна од кога било. Како ЕУ продолжуваме да работиме за мир. Насекаде, порача Борел во објава на Икс. 

Европската комисија, исто така, преку Икс, повика на славење на „континуираното единство и солидарност во Европа промовирани со Шумановата декларација во 1950 година“.

– Само преку единство и солидарност можеме да го одржиме европскиот проект. На денешен ден во 1950 година, Роберт Шуман ја даде својата позната Декларација – пресвртница во нашата историја која ги постави темелите за ЕУ каква што ја знаеме денес, се додава во пораката на ЕК по повод Денот на Европа – 9 мај.

Зачлени се на нашиот е-билтен