Во критичен момент за развојот на настаните на Блискиот Исток, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ќе се сретне со претседателот на САД, Доналд Трамп, а единствената тема на маса е финалниот договор за завршување на војната во Газа.
Според извори, двете страни се блиску до договор по интензивни разговори зад сцената, во кои учествувале специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Сепак, планот ќе бара и согласност од Хамас за да може да се спроведе, изјавил висок американски функционер.
Оптимизмот на Трамп, воздржаноста на Нетанјаху
Претседателот Трамп изгледа се повеќе оптимист за успехот на својот план. На Truth Social напиша:
“Имаме вистинска можност за нешто големо на Блискиот Исток. Сите се подготвени за нешто специјално, првпат. Ќе го постигнеме тоа.”
Нетанјаху, пак, се држи по воздржано, но ја потврди соработката:
“Работиме на тоа. Сè уште не е финализирано, но со тимот на претседателот Трамп работиме токму сега.”
Израелскиот премиер нагласи дека целта останува ослободување на заложниците, разоружување на Хамас и демилитаризација на Газа.
Главните точки
- Ослободување на сите преостанати заложници.
- Постојан прекин на огнот.
- Постепено повлекување на Израел од целата Газа.
- План за управување со Газа по војната без Хамас.
- Создавање безбедносна сила со учество на Палестинци и војници од арапски и муслимански земји.
- Финансиска поддршка од арапски и муслимански земји за новата администрација и реконструкција на регионот.
- Вклученост на Палестинската власт во одредена форма.
Услови од арапските лидери
За да добие поддршка од арапските и муслиманските лидери (Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар, Египет, Јордан, Турција и други), Израел мора да ги почитува следните услови:
- Да не анексира делови од Западниот Брег или Газа.
- Да не окупира територии во Газа.
- Да не гради населби во Газа.
- Да престане со поткопување на режимот на џамијата Ал-Акса.
- Итно да ја зголеми хуманитарната помош за Газа.
Претседателот Трамп, според извори, ја уверил арапската страна дека нема да дозволи анексија на Западниот Брег. Денешниот состанок се очекува да биде клучен за тоа дали планот ќе премине во следната фаза.