Хотелот „Бристол“, еден од најистакнатите симболи на Скопје, денес беше целосно испразнет. Сите стари предмети, мебел, слики и декорации се извадени и најверојатно фрлени во отпад. Со тоа заврши една ера за овој историски хотел, кој со својата културна и боемска приказна ја одбележа историјата на градот.
Сепак, постои надеж, но прашањето останува: ќе успеат новите сопственици да го вратат стариот сјај на „Бристол“? Тие веќе започнаа со реновирање, со цел повторно да го оживеат ова место, но времето ќе покаже колку од оригиналната магија ќе остане.





„Бристол“ е изграден во 1920-тите години, свечено отворен на 24 април 1924 година од браќата Ташко и Ристо Караџа, успешни трговци кои со својот проект создадоа луксузен и модерен хотел за тоа време. Архитектурата, дизајнирана од архитектот Артемушкин, привлекуваше гости со четири ката, 35 модерно уредени соби, централно греење, топла и ладна вода и телефонски приклучок – реткост за тоа време.
Во текот на своето постоење, хотелот беше познат по културниот и боемскиот живот во Скопје. Оркестарот на Васил Хаџиманов редовно ги забавувал гостите, а танчарите од скопското друштво „Ароести“ ја дополнувале атмосферата. Меѓу посетителите биле познати личности како Блаже Конески, Петре Прличко и Панче Уневски, а поетот Раде Драинац ги создавал своите најубави песни токму во „Бристол“.





Хотелот има свој дел од легендите: во него престојувал грчкиот вдовец Јоргос, инспирација за романот „Доживувањата на Алексис Зорбас“, а во бавчата сè уште стои стар орев – спомен од љубовната врска меѓу Константин и Ребека Вест.
По 60-тите години, „Бристол“ доживеа промени во карактерот и стануваше сврталиште за различни групи гости, за потоа повторно да заблесне со отворањето на диско-клубот „Таверна“ во 70-тите. По осамостојувањето на Македонија и денационализацијата, хотелот падна во неизвесност, а по 9 ноември 2012 година беше затворен.




Денес, иако хотелот е празен и зградата изгледа запуштено, новите сопственици се посветени на негово реновирање. Но, прашањето останува: ќе успеат ли тие повторно да го оживеат „Бристол“ и да го задржат уникатниот дух и сјај кој го одликувал цели децении?
Хотелот „Бристол“ останува сведок на минатото, со својата историја, легенди и убавини кои ќе продолжат да живеат и во иднина, без разлика на тоа како ќе изгледа после реновирањето.
Фотографиите се преземени од инстаграм профилот Abandoned Macedonia