Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Денеска се одбележуваат 130 години од основањето на Македонската револуционерна организација (МРО)

Во Северна Македонија денеска се одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

Денеска се навршуваат 130 години од денот кога во Солун биле поставени темелите на Македонската револуционерна организација.

Основите на Организацијата се поставени на состанокот на 23 октомври 1893 година, според стариот календар (5 ноември, според новиот), во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун.

На основачкиот состанок присуствувале Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско.

Основачите почнуваат да ги шират овие револуционерни идеи меѓу прогресивната младина во Солунската бугарска машка гимназија.

Набргу учениците во гимназијата создаваат кружоци, конспиративни групи и др. По завршувањето одат по своите родни места и таму почнуваат да агитираат ширум географска Македонија.

Стожерот, односно движечката сила на Македонската револуционерна организација биле младите студенти и нивните професори кои ја започнале мисијата да формира мрежа од месни комитети.

Откако на овој начин се формирала структурата на организацијата, се започнало со процесот на создавање вооружени чети и почнале набавки на оружје по илегални канали од Бугарија и Грција.

По повод Денот на македонската револуционерна борба, во Собранието на Република Северна Македонија ќе биде доделена државната награда „23 октомври“. Наградата се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.

Собраниска делегација, во состав Дарко Каевски и Велика Стојкова-Серафимовска, ќе положи венец свежо цвеќе на Споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.

Ввладина делегација составена од Роберт Алаѓозоски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка и Драган Василевски, советник за одбрана на претседателот на Владата ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново