Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Денови на ветеринарна медицина: Еминентниот хрватски специјалист Брајко ќе одржи предавање во Охрид

Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје (ФВМС) постојано ги следи најновите трендови за дијагностика и третман на животните, па во таа насока по повод Денови на ветеринарна медицина 2024, ги поканува докторите по ветеринарна медицина да се пријават и да земат директно учество на интерактивната и практичната работилница за „Ултразвучна дијагностика на абдомен и ехокардиографија во мала пракса“ предводена од еминентниот хрватски специјалист Томислав Брајко, која ќе се одржи во Охрид на 22ри септември, недела. Сите учесници ќе добијат сертификат со бодови определени од Ветеринарна комора.

Фокусот на настанот ќе биде соодветното сетирање на ултразвучните машини, како и правилното и темелно прегледување на главните абдоминални органи и срцето кај кучињата и мачките.

На работилницата, која е наменета за доктори по ветеринарна медицина, главен предавач ќе биде мр. сц. Томислав Брајко, специјалист по ултразвучна дијагностика и радиологија од Хрватска, со долгогодишно искуство, афирмиран специјалист во регионот и пошироко.

„Ултразвучната дијагностика во последните години го достигна својот подем во ветеринарната медицина, особено кај докторите по ветеринарна медицина кои работат со домашни миленици. За овозможување за соодветна дијагностика и третман на домашните миленици неопходно е совладување на оваа дијагностичка техника“, наведоа од Факултетот.

Оттаму наведоа дека оваа работилница ќе се фокусира на тоа како соодветно да се сетираат ултразвучните машини и како да се прегледаат главните абдоминални органи и срцето кај кучињата и мачките.

„За сите органски системи ќе бидат презентирани техниките за добивање на добра слика/снимка, каков е нормалниот изглед на одделни органи, како и краток преглед на најчестите патолошки промени. Ќе бидат опфатени прегледи на црниот дроб, билијарниот систем, слезената, гастроинтестиналниот и уринарниот систем“, образложија од ФВМС.

Оттаму додадоа дека преку практични самостојни прегледи со современи ултразвучни апарати, со поддршка од мр.сц Брајко и колеги од Универзитетската ветеринарна болница, учесниците ќе имаат можност и самите да ги совладаат презентираните техники на ултразвучен преглед на абдомен кај кучиња.

„На оваа работилница ќе се опфати и основен ехокардиографски преглед кај кучиња и мачки, како и најчесто дијагностицираните патологии на кардиоваскуларниот систем“, посочија од ФВМС.

Од Факултетот нагласија дека докторите по ветеринарна медицина постојно мора да ги надградуваат своите знаења за дијагностика и лекување на животните, како и да ги следат светските практики со кои се модернизираат и унапредуваат начините за третман.

Во таа насока, како што истакнаа од ФВМС, од исклучителна важност е докторите по ветеринарна медицина кои сакаат да им понудат најдобра грижа на домашните миленици кои имаат здравствени проблеми, да бидат дел од оваа работилница што ќе им овозможи квалитетна едукација во тој правец.

Деталите за работилниците можете да ги дознаете на линкот: https://dvm2024.mk/workshop/

Најново