Преку манифестацијата „Денови на македонската литература” можат да се отворат и афирмираат важни прашања за нашата литература. Годинешната програма е во насока на валоризација на претходниците, но и на развивање на меѓународната соработка, вели во изјава за МИА проф. д-р Трајче Стамески, раководител на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје.
Деновите на македонската литература ќе се одржуваат денеска и утре во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура, а проф. д-р Стамески појаснува дека оваа манифестација, што веќе е традиционална, ги обединува силите на професорите и студентите од оваа Катедра во афирмирањето на вредностите на македонската литература.
Преку оваа манифестација, вели Стамески, не само за академската заедница, туку и пошироко, можат да се отворат и афирмираат важни прашања за нашата литература.
-Оваа година, традиционалната манифестација има и меѓународен карактер, при што поголем акцент е ставен на книжевната наука и на продлабочување на соработката со познавачите на македонската литература од странските универзитети, појаснува Стамески за МИА.
Деновите на македонската литература денеска во 12 часот ќе бидат отворени со предавање на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска.
Со предавањето на професорката Пирузе-Тасевска, Катедрата за македонска книжевност и култура, повторно се навраќа кон валоризација на научните постигнувања на генерациите професори што ја втемелија основата за нејзиниот современ развој.
-Ова ни е особено драго, затоа што речиси сите што денес сме на Катедрата, сме биле студенти на професорката Пирузе-Тасевска. Таа има вложено во Катедрата и преку развивањето на неколку предмети, и како нејзин раководител во клучни периоди, но и преку знаењето пренесено во нас што денес сме дел од активниот работен состав, вели проф. д-р Стамески.
Во 18 часот ќе се одржи студентска вечер на македонската книжевност и култура, насловена „Непрочитано писмо“, според песна од Анте Поповски, еден од великаните на македонската книжевност чиишто дела се дел од програмата на вечерта.
-Со македонски народни песни, стихови на Рацин, Неделковски, Вапцаров, Конески, Шопов, Тодоровски, Матевски, Андреевски, Павловски, Поповски, Урошевиќ, Котески…Со македонска музика, но и со фрагмент од драмата „Болен Дојчин“ на Георги Сталев Поповски, којшто е еден од доајените на нашата Катедра. А ќе чуеме и стихови од нашите некогашни и сегашни студенти, нова страница од македонската современа книжевност, посочува Стамески.
Нагласува дека студентите традиционало искажуваат интерес за оваа манифестација, а потврда за тоа е токму студентската вечер на македонската книжевност и култура „Непрочитано писмо“. Како што потенцира, преку подготовката на програмата на овој настан, студенти од повеќе генерации го обединиле својот креативен потенцијал за преку рецитал, драматизација, музички точки и видео-проекции да се претстави дел од развојот на македонската книжевност и култура, со антологиски дела по нивен избор.
-Со својот ентузијазам, студентите од нашата Катедра беа поттик во програмата да се вклучат и студенти од други катедри на Факултетот, што покажува дека посветеноста на македонистиката обединува. Изминативе неколку недели, додека ја подготвувавме програмата за студентската вечер, бидејќи постојано бев со нив, забележав со колкава жар во себе, тие ја смислуваат секоја точка од вечерта, со колку емоции се внесуваат во секое книжевно дело, колку различни идеи споделуваат за тоа како најдобро да се претстави фрагмент од македонската литература. И со колкава решеност изнаоѓаат креативни решенија и без многу ресурси, за со сите што ќе бидат во афитеатарот да се пренесе љубовта кон македонската реч и афирмација на македонските книжевни вредности, вели проф. д-р Стамески.
Според него, ентузијазмот кај нашите студенти што го има сега, за „Деновите на македонската литература“ е најдобра потврда дека книжевната македонистика има иднина со добри перспективи. Затоа што, како што вели, ќе има кој да ја развива, ќе има кој да придонесува за нејзината афирмација…
-Затоа, се надевам дека на 3 април, во 18 часот, сите ќе бидеме во амфитеатарот 3 на Филолошкиот факултет, за да го поздравиме тој студентски ентузијазам и да им дадеме поддршка на студентите, зашто тоа е влог во иднината на книжевната македонистика, вели Стамески.
Во однос на програмата за утрешниот ден, проф. д-р Стамески најавува дека таа во целост ќе биде посветена на професорите што предаваат македонска книжевност на странските универзитети, со што „Деновите на македонската литература“, покрај фокусираноста на книжевната наука, добиваат и значаен меѓународен карактер.
Предавањата на професорите од странските универзитети ќе се одржат виртуелно, преку платформата Зум.
Во 10 часот, предавање ќе одржи проф. д-р Жељко Милановиќ од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад. Предавањето ќе биде на тема „Како се предава македонската книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад?“. Потоа, во 11 часот, предавање ќе одржи и проф. д-р Намита Субиото од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, на тема „Рецепцијата на расказот ’Вампир’ од Петре М. Андреевски во Словенија: од превод до адаптација во музичко-раскажувачки перформанс“.
-Особено ни е драго што успеавме со манифестацијата и понатаму да ги развиваме и продлабочуваме контактите со колегите од странство. Токму затоа и се планира гостинските предавања на професорите по македонска книжевност од странските универзитети да бидат и натамошна постојана практика во рамките на настаните што се организираат на Филолошкиот факултет и на Катедрата за македонска книжевност и култура. Искрено се надевам и верувам дека и понатаму ќе имаме и други форми на соработка со колегите од странство, вели за МИА проф. д-р Стамеск