Со прес-конференција одржана денеска Центарот за слобода ЦИВИЛ официјално ја започна деветдневната програма „Одбрана на демократијата: Хоризонти на слободата“, која ќе кулминира со меѓународна конференција на 12 декември.
На прес-конференцијата претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала испрати порака за состојбата на демократијата денес. Тој нагласи дека ова не е само уште еден настан, туку „повик за будност, за здружена акција, за обновена одговорност“.
„Живееме во време кога вистината е оспорена, кога човековите права се под закана, а демократиите – и дома, и во регионот, и ширум светот – се под силен притисок од војни, авторитарни режими и хибридни операции,“ истакна тој.
Тој потсети дека само до пред неколку години граѓанските организации, медиумите и институциите се занимаваа со промоција и развој на демократските вредности, но дека денес „оваа сфера станува сфера на одбрана – одбрана на вредностите, институциите и човековото достоинство“.
Дерала предупреди дека е неопходно европските и демократските држави да бидат решителни:
„Време е да се преземат итни и решителни чекори за да се стави крај на империјализмот, агресијата и авторитаризмот што ја загрозуваат безбедноста и го искривуваат јавниот дискурс.“
Програмата, која ќе трае од 5 до 12 декември, вклучува медиумски активности, јавни настапи, специјализирани работилници, експертски тркалезни маси и меѓународна конференција.
„Оваа програма гради мостови меѓу локалното искуство и глобалните предизвици; меѓу науката, новинарството, граѓанскиот сектор и дипломатската заедница,“ рече Дерала.

