Од 10 до 13 декември, Прилеп го одбележува јубилејното, десетто издание на меѓународниот фестивал на кратки филмови „Winter Apricots“. Она што пред една деценија започна како ентузијазам на мала група филмски заљубеници, денес е стабилна културна точка на македонската мапа.
Организаторот Дарко Горгиески вели дека десетте години зад себе носат истрајност, борба и стремеж за стабилност во средина со ограничени културни ресурси.

„Тоа за нас значи многу – мотивација, битка, истрајност. Како растеш, сакаш да припаднеш во некоја посигурна структура што ќе овозможи поддршка и долгорочно планирање. Ние се снаоѓаме, ја чуваме страста и истовремено го развиваме фестивалот“, вели Горгиески.
Ова издание е проширено на четири дена и ќе донесе околу 50 кратки филмови во три натпреварувачки селекции – балканска, интернационална и македонска – како и ревијалната програма реализирана во соработка со фестивалот на танцови филмови „Furi Formato“ од Џенова.

Покрај филмската програма, годинава фестивалот нуди и побогата придружна содржина: две промоции на книги, два концерти, изложба на фотографии и неколку тематски предавања за филмот.
Италијанката Елена Мелончели, која една година живее во Прилеп и е дел од организацијата, открива како е избрано необичното име на фестивалот.

„Нема ништо поблаго и поубаво од кајсијата – а кајсии на зима нема. Токму оттаму дојде идејата: нешто слатко и ретко, нешто што го посакуваш“, вели таа.
Мелончели додава дека прилепчани пред десет години речиси и не посетувале филмски проекции:
„На првите изданија имавме 30-40 луѓе во публиката, главно пријатели и роднини. Со години регрутиравме нова публика и денес имаме критична маса – не само од Прилеп, туку и од други градови.“
И покрај ограничената инфраструктура, „Winter Apricots“ успева секоја година да создаде нови простори и нови навики кај локалната публика, претворајќи го Прилеп во зимски дом на краткиот филм.

