Десет приведени во Грција: Нелегален софтвер на бензински пумпи крадел гориво од граѓаните


Грчката полиција утринава спроведе голема акција низ целата земја, насочена кон разоткривање на организирана криминална група која нелегално крадела гориво од купувачите. Акцијата вклучуваше повеќе од 30 истовремени претреси на бензински станици, претпријатија и приватни домови, јавува дописничката на МИА од Атина.

Според официјалните информации, досега се приведени десет лица. Истражната акција, координирана од Дирекцијата за борба против организиран криминал, се одвива во различни региони, вклучувајќи ја Атика (пошироката област на Атина), Солун, Тесалија и делови од централна, северна и североисточна Грција.

„Членовите на групата користеле специјализиран нелегален софтвер инсталиран на бензинските пумпи, со што ги доведувале граѓаните во заблуда, прикажувајќи поголема количина на гориво отколку што всушност се точело“, соопштија надлежните од полициските служби.

Оваа акција е дел од континуирани истраги, откако слични криминални случаи беа откриени и минатата година. Во март 2025 година, беа уапсени над 55 лица, членови на две организации кои исто така користеле нелегален софтвер на бензинските пумпи. Како резултат на тие истраги, беа затворени пет бензински станици во Солун и Атина.

Овој случај повторно ја истакнува потребата за засилена контрола и регулација на бензинските станици, како и заштита на правата на потрошувачите.

Зачлени се на нашиот е-билтен