Десетминутен аплауз и солзи во МНТ: „Приказната за Силјан“ ја освои македонската публиката

Филмот тргнува од митот за Силјан Штркот, но не останува во доменот на фолклорното или симболичното. Напротив, тој го приземјува митот, го внесува во калта, во нивите, во напукнатите раце на земјоделците, во куќите што полека се празнат од млади луѓе.

Александра ТОДОРОВИЌ

Македонската премиера на „Приказната за Силјан“, синоќа во Македонскиот народен театар за сите присутни беше колективно искуство – чин на препознавање. Десетминутните овации на публиката, салата исполнета до последното столче и тишината што владееше за време на проекцијата зборуваа повеќе од каква било критика: ова е филм што ја погодува суштината.

Филмот тргнува од митот за Силјан Штркот, но не останува во доменот на фолклорното или симболичното. Напротив, тој го приземјува митот, го внесува во калта, во нивите, во напукнатите раце на земјоделците, во куќите што полека се празнат од млади луѓе. Иселеништвото, разделбата на семејствата, разочараноста и тивката борба за опстанок се испреплетуваат со една универзална сила – љубовта, како единствена константа што ги надминува сите граници.

Визуелниот јазик на филмот е импресивен. Кадрите со штрковите се повеќе од естетски впечатливи – тие се носители на значење. Штркот не е само симбол, туку живо суштество, ранливо и зависно од човекот, исто како и човекот од сопствената земја. Односот на Никола кон повредениот штрк, неговата грижа и посветеност и покрај сопствената сиромаштија, е една од најсилните емотивни линии во филмот – тивка, ненаметлива, но длабоко потресна.

„Приказната за Силјан“ е повеќеслојна нарација. Слојот на земјоделците и нивната макотрпна, неизвесна работа, прашањето дали и како ќе го продадат она што со мака го произвеле, се надоврзува на разочараноста на младите кои заминуваат, барајќи достоинствен живот на друго место. Особено силна е метафората на депонијата каде Никола кратко работи – простор на отпад, каде угинуваат штркови, но и каде симболично умира надежта, природата и моралот на едно општество.

Љубовта меѓу Никола и неговата сопруга е прикажана без романтизација, но со длабока човечност – како партнерство во преживување, како заедничко носење на товарот на животот. Тоа е љубов која не бара зборови, туку постои во секојдневните гестови, во истрајноста и во одлуката да се остане.

По проекцијата, обраќањето на Тамара беше логичен епилог на сè што публиката го почувствува. Нејзината изјава дека, без разлика каде сè била, македонската премиера е нејзината најголема гордост, ја заокружи искреноста на проектот. Особено значајна беше најавата дека „Приказната за Силјан“ ќе се прикажува во секој град, затоа што помалите места – токму оние од кои произлегуваат ваквите приказни – заслужуваат да се видат на големото платно.

Овој филм јасно покажува зошто приказните од „скриените места“ се суштината на нашата култура. Луѓето како Никола и неговото семејство му даваат смисла не само на овој филм, туку и на самата потреба од раскажување. Фактот дека проектот започнал без финансиска поддршка, а потоа добил средства, дополнително ја засилува неговата автентичност – ова е филм создаден од нужност, а не од комфор.

„Приказната за Силјан“ не нуди лесни одговори. Тој поставува прашања и остава желба како што поентираше на крајот Котевска, некои работи што ги видовме да се сменат засекогаш, а некои – никогаш. Во таа желба лежи и неговата најголема сила. Ова не е филм што се гледа еднаш. Ова е филм што останува!

Зачлени се на нашиот е-билтен