Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Џафери: Владата има обврска да спроведува закони, од таа причина се направените усогласувања на коефициентите

Законите коишто се носат се обврска да се спроведуваат, а Владата има обврска да спроведува закони. Од таа причина, усогласување на коефициентите на лицата коишто се во рамки, во надлежност на Владата се усогласени со законските решенија, вели техничкиот премиер Талат Џафери.

Во однос на вчерашната одлука на Владата за намалување на коефициентите за плати на функционерите за да не се случи она зголемување од 200 евра, Џафери по посетата на ООУ „Тодор Јанев” во Општина Чашка рече дека како премиер и како Влада треба свесно да ја следи логиката на законите коишто се донесени во Собранието.

–  Впрочем, седум години сум го водел Собранието. И законите коишто се носат таму се обврска да се спроведуваат, а Владата има обврска да спроведува закони. И она што е моја надлежност како премиер и на Владата како институција е соодветно да реагира на законските решенија навремено за да не оставите простор да дојдете во ситуација на крајот на месецот поради овие формални работи да не можете да исплатите плата на вработените. Од таа причина, значи усогласување на коефициентите на лицата коишто се во рамки, во надлежност на Владата се усогласени со законските решенија, изјави Џафери.

Во однос на најавите од Советот на јавни обвинители дека ќе ја обжали одлуката на Уставен суд, Џафери, не сакаше да коментира.

–  Прашањето на обвинителството, судството и што го поставувате ниту сакам да коментирам, ниту пак имам надлежност да коментирам затоа што се работи за трета судска власт независна за која што, што и да кажам јас може да се смета како влијание или интервенција врз таа власт, изјави Џафери.

Владата вчера на седница донесе одлука со којашто се намалуваат коефициентите за пресметување на платата на функционерите кои ги именува Владата. Како што информираше владината прес служба, со Одлуката се намалуваат коефициентите на платите на именуваните функционери во Владата, националните координатори и други функционери,  директорите и други именувани лица на органи во состав на министерствата, директорите и други именувани лица на самостојните органи на државната управа, раководните лица во управните организации, агенции, фондови и други правни лица основани со посебни закони, казнено-поправни установи.

– Станува збор за усогласување на коефициентите на именуваните лица од страна на Владата согласно Законот за изменување на законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/24), којшто предвидува промена на коефициентите по коишто се пресметува платата на избраните и именуваните лица, се наведува во соопштението.

Донесената одлука, велат од Владата, нема да предизвика дополнителни финансиски импликации на Буџетот на државата.

Зачлени се на нашиот е-билтен