Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Џебот на трговците или џебот на граѓаните – Владата треба да донесе одлука дали ќе се намалат маржите

Во време кога цените во Македонија вртоглаво растат, а соседите веќе имаат мерки со кои го ограничуваат неконтролираниот профит на трговците, компаниите со нови притисоци се обидуваат да го одложат новиот Закон за нефер трговски па уште пред да почне да се спроведува, наиде на разидувања меѓу власта и компаниите.

Од бизнисот велат дека не се допрецизирани условите под кои може купувачот да ги врати кај набавувачот непродадените производи. Економистите сметаат дека се работи за комплексна проблематика и оти треба да се види кај секој производ дали е маржата висока или, пак, набавната цена. Така, на пример, некој производ може има висока набавна цена, а маржата е пониска од 10 отсто.

Поради тоа, сметаат дека со примена на Законот, многу маркети ќе ги редуцираат производите што ги продаваат, особено оние што имаат повисока маржа и пократок рок на траење. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека може да се одложи примената на Законот за забрана на нефер трговски практики за неколку недели доколку има објективни пречки и причини.

– Доколку постојат објективни пречки или причини, да треба да се одложи за некоја недела, не е голем проблем тоа, ќе ја донесеме одлуката да се одложи за некоја недела, само да биде имплементирано како што треба. Ова е Закон донесен од претходната Влада. Ако објективно не може да се примени, нема сосила нешто да правиме, ако навистина нема можности, така ќе постапиме – изјави Мицкоски.

Стопанската комора пак побара да се избрише делот од Законот со кој се ограничува рабатот што му го одобрува набавувачот на купувачот, како и да се прецизираат условите под кои може купувачот да ги врати кај набавувачот непродадените производи. Треба да се зголеми рокот во кој купувачот го известува набавувачот дека ја намалува нарачката на одреден производ. Ова стои, меѓу другото, во писмото што му го испрати претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, на премиерот Христијан Мицкоски.

– Практиката на другите пазари во Европската Унија укажува на многу подолг период за усогласување со законите со кои се забрануваат одредени трговски практики. Во Република Северна Македонија, не е оставен преоден период, освен за набавувачите и за купувачите што склучувале договори за снабдување, кои имаат обврска да ги усогласат со овој Закон во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила, а тоа е пред истекот на септември 2024 година – се вели во писмото.

Стопанската комора на Македонија го коригираше потоа го коригираше овој првичен став дека не е прифатлив законот и со втор допис до Владата од 3 овој месец, дообјаснува дека неприфаќањето не е став на сите членки, туку дека, особено производителите, го прифаќаат.

Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, е убеден дека Законот за нефер трговски практики, кој треба да стапи на сила на 28 септември, ќе донесе пониски цени за потрошувачите. На стопанствениците, кои со недоверба гледаа на ова законско решение во изминатиов период и кои тврдеа дека нема да има време да се имплементира, тој им порача дека рокот за тоа бил шест месеци.

– Со овој Закон, се става крај на нефер односот на неодговорни поединци, каде што често овој процент беше над 35 отсто, а неговата имплементација, се надеваме, ќе даде резултат со фер цена – пониска цена на производите за крајните потрошувачи. Законот е донесен во март, во консултација со работодавците, стопанските комори и со здруженијата што се занимаваат со производството на храна и е работен според европска директива донесена во ЕУ во 2019 година. Со Законот се опфатени 2 540 земјоделски прехранбени продукти – појасни Ристески.

Досега се утврдени 26 случаи на нефер трговски практики во договори меѓу производителите, добавувачите и трговците поради големите проценти на рабат и до 40 oтсто, кои влијаат на крајната цена на производот, а тоа го плаќаат граѓаните, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Новиот закон за нефер трговски практики, според европска директива, и прв што ќе се применува во земјите од југоисточна Европа, а Министерството за економија и труд законот го објаснува меѓу стопанствениците. Во пресрет на Законот, се подготвуваат новите договори меѓу производителите, добавувачите и трговците кои се по препорака на Европа. Утврдените 26 договори со нефер трговски практики ќе бидат исклучени.

-Тие утврдени 26 договори со нефер трговски практики ќе бидат исклучени. Голем дел од договорите и членовите во договорите ќе бидат по препорака на Европа. Новите договори треба да бидат готови до 28 септември и потоа, во октомври и во ноември очекуваме да имаме резултат кај цените на производите, бидејќи, нас, како Влада и како министерство за економија, секогаш таргет и приоритет ни се граѓаните, изјави Ристески.

Се очекува и намалување на цените зашто ќе ги нема тие 35 до 40 проценти рабат, а со Законот на годишно ниво ќе биде сведено на 10 проценти.

-Очекуваме од Комисијата за заштита на конкуренцијата, како надзорен орган да изготви мислења и насоки до почетокот на имплементацијата на Законот, за да можат и компаниите добавувачи и купувачите да бидат на јасно што ќе се случува со овој закон, имајќи предвид дека глобите за неспроведување се доста високи, вели Никола Мариноски, претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп.

Од СДСМ обвинија дека цените во Македонија неконтролирано продолжуваат да растат, а Мицкоски наместо да ги замрзне цените, само „апелира“ до бизнисмените да ги намалат цените.

– Владите во регионот спроведуваат низа мерки за да им помогнат на граѓаните. Владата на Србија ја спроведува акцијата „Подобри цени“, со над 700 поевтини производи. Црногорската Влада, исто така, ги ограничи маржите во трговијата на големо и на мало за повеќе прехранбени и хигиенски производи. Нашите граѓани одат во Врање да купуваат храна, а дома може да купат само моливи и тетратки по пониска цена, мерка што е крајно задоцнета – обвинија од СДСМ.

Законот за забрана на нефер трговските практики беше изгласан на 13 март годинава, а прикрај е шестмесечниот период за приспособување и почеток на примената.

Со Законот, маржите на трговците се ограничуваат на максимум 10 отсто од производствената цена, што е значително намалување од сегашните 30-40 отсто. Се очекува оваа мерка да донесе пониски цени за потрошувачите и поголема правичност во трговијата.

За непочитување на законските одредби се предвидени глоби до 20 000 евра.

Соња Танеска

Најново