„Џералд Р. Форд“ од Сплит тргнува кон Иран

Американскиот носач на авиони „УСС Џералд Р. Форд“, кој важи за најголемиот воен брод од тој тип во светот, го напушти Сплит по петдневен престој и технички зафати, по што повторно се враќа во операциите поврзани со војната против Иран. Американската морнарица соопшти дека бродот повторно е на море и подготвен да ја продолжи мисијата.

„Форд“ пристигна во Сплит на 28 март, откако претходно беше повлечен на краток прекин по пожар што избувна на 12 март во просторот за перење алишта додека бродот дејствувал во Црвеното Море. Во инцидентот беа повредени тројца морнари, а огнот зафати и дел од сместувачките капацитети на екипажот.

За време на престојот во Хрватска беа извршени поправки, одржување и снабдување. Американски извори наведоа дека носачот е повторно подготвен за оперативна задача, но официјално не беше објавена точната нова рута по напуштањето на Сплит. Во досегашното распоредување, „Форд“ дејствуваше во источниот Медитеран како дел од поширокото американско воено присуство поврзано со конфликтот со Иран.

Според претходните информации, покрај „Форд“, во регионот веќе дејствува и ударната група околу носачот „УСС Абрахам Линколн“, а САД дополнително распоредија и трет носач, „УСС Џорџ Х. В. Буш“, со што американското поморско присуство на Блискиот Исток е дополнително засилено.

Зачлени се на нашиот е-билтен