Со кожувчиња, грпки и бради, исцрнети лица од саѓи, клопотарци и стапови, џоломарите од кавадаречките села Бегниште и Сопот, изминатите три дена беа дел од Меѓународниот карневал под маски во Перник, Бугарија.
Низ центарот на градот продефилирале неколку илјади учесници во повеќе групи.
-Секоја од нив ги носеше со себе и сопствените автентични традиционални игри и обичаи со маски. Учествувавме заедно со неколку други македонски карневалски групи. Чест ни е и задоволство што и оваа година, бевме дел од оваа карневалска забава. Ја претставуваме традицијата за маскирање во нашиот крај. Ние всушност на симболичен начин го бркаме злото и правиме место за добрите нешта, изјави Орданчо Лазаров, раководител на групата џоломари од Бегниште.
Неколкумина мажи се маскираат со страшни маски, за добрината да го победи лошото. Во групата има и двајца мажи преправени во невеста и баба, кои ги симболизираат плодноста и младоста од една, но и мудроста од друга страна.
Според организаторите на настанот, карневалските групи од различни страни на светот, доаѓаат во Перник за да ја почувствуваат магијата на играта и песната, да ги видат и допрат маските кои ја претставуваат историјата, традицијата и културата на одредено парче земја. (МИА)