Џорџа Мелони пред Меѓународниот кривичен суд поради соучесништво во геноцид

WIKIMEDIA COMMONS

Италијанската премиерка Џорџа Мелони објави дека против неа и уште двајца министри била поднесена тужба до Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, поради наводно соучесништво во геноцид, во контекст на поддршката што италијанската влада ѝ ја дава на Израел.

„Јас, министерот за одбрана Гвидо Кросето, министерот за надворешни работи Антонио Тајани, и, верувам, извршниот директор на ‘Леонардо’, Роберто Чинголани, станавме предмет на тужба пред МКС за соучесништво во геноцид,“ изјави Мелони во телевизиско гостување кое ќе биде емитувано вечерва на полноќ. Делови од интервјуто веќе ги објавија италијанските медиуми.

Премиерката додаде дека „не постои сличен случај во светот или во историјата,“ алудирајќи на тоа дека ова е првпат актуелни владини претставници на Италија се соочуваат со вакво обвинување.

Компанијата „Леонардо“ е водечка италијанска фирма за авијација и одбранбена индустрија.

Тужбата, датирана на 1 октомври, ја поднела група која се нарекува „Правници и адвокати за Палестина“, а ја потпишале околу педесет лица – меѓу кои професори по право, адвокати и јавни личности.

Во документот се наведува дека „со поддршката на израелската влада, особено преку снабдување со смртоносно оружје, италијанската влада станала соучесник во тековниот геноцид и во тешките воени злосторства и злосторства против човештвото извршени врз палестинското население.“

Потписниците бараат од Меѓународниот кривичен суд да отвори формална истрага за улогата на италијанските власти во конфликтот во Газа.

Оваа тужба доаѓа во момент на растечка меѓународна полемика околу поддршката што европските земји му ја даваат на Израел, додека во Газа продолжуваат борбите и цивилните жртви се зголемуваат.

Зачлени се на нашиот е-билтен