„Диџеј Ахмет“ – ролеркостер од емоции што го слави животот, различноста и храброста да се љуби

Постојат филмови кои се гледаат и се забораваат, постојат и оние кои те предизвикуваат да размислуваш, но „Диџеј Ахмет“ е од оние ретки ремек-дела кои те тераат да живееш со нив. Филм кој ја руши секоја рамка и те остава без здив, но со полна душа.

Од првиот кадар, „Диџеј Ахмет“ зборува со бои, со симболи, со звукот на животот. Контрастот меѓу генерациите во едно јуручко село е мајсторски прикажан во сцени полни со човечка топлина и апсурд. Оџата кој моли за помош околу својот „Фејсбук“ профил со шифрата „Бог е еден“, е слика на свет кој несмасно влегува во дигиталната ера. Тука лежи хуморот, но и тагата – судирот на старото и новото, на затвореното и отвореното, на тишината и музиката.

Ахмет, младиот и бунтовен овчар, носи свој свет длабоко во себе. Деновите му минуваат во грижа за овците, во тишина со братчето кое не зборува, во дом со татко кој тагата ја претворил во тврдокорност. Ноќе, кога светот заспива, неговото срце чука во ритамот на диџеј сетови – музика која за него не е само забава, туку начин на преживување. Неговото „не слушај Шакира, слушај диџеи“ е повеќе од шега, тоа е манифест на новата генерација која бара свој глас.

Таткото, конзервативниот столб на домот, ја носи тишината како крст. Смртта на жената го парализирала до таа мера што и нејзините звучници сака да ги продаде, како симболично бришење на нејзиното постоење. Неговата болка е исто толку силна колку и Ахметовата потреба да се изрази преку музиката.

А таму, во кадарот, блеска розевата овца – симбол на различноста, на храброста да бидеш надвор од толпата. Ахмет е таа овца. Различен, бунтовен, жеден за љубов и слободен дух кој се вљубува во Аја – девојка од богато семејство која исто така носи музика во своите вени. Љубовта меѓу нив не е романтична клише-приказна, туку чин на отпор, судир на два света кои не сакаат да се покорат пред стари правила.

Кинематографијата е посебна приказна. Боите на селото, полето, животот – делуваат како живо платно, секој кадар е слика насликана со внимание и љубов. Ова е истражување, соживување, автентично сведоштво.

Ариф, младиот талент што го глуми Ахмет , на пресот скромно кажа дека се случило „така треба да биде“. И навистина – има нешто судбинско во тоа што токму тој го добил ликот на Ахмет. Малото момче Агуш, пак, со својата тишина како Наим, успева да зборува повеќе од илјадници зборови.

„Диџеј Ахмет“ е филм на кој публиката му возврати со петминутен аплауз, со солзи и смеа во исто време. И тоа не е случајно – затоа што тоа е уметноста. Да предизвикаш во човекот лавина од чувства, да го натераш да се смее и да плаче во исто време, да се препознае во една розева овца.

„Диџеј Ахмет“ е живот, отпор, љубов. „Диџеј Ахмет“ е ремек-дело кое веќе ја надмина Битола и ќе ја освои светската сцена.

И да, на крајот сите чекаа ред за фотографија со ѕвездата на вечерта. Но вистинската фотографија остана врежана во нас – една публика што стои и аплаудира пет минути, срца што чукаат во ист ритам со музиката на Ахмет.

Зачлени се на нашиот е-билтен