Филмот „Диџеј Ахмет“, режија на Георги М. Унковски, од денеска официјално ќе има своја кинопремиера во Македонија. Во Скопје ќе се прикажува во кино „Синеплекс“ со премиера во 20:00 часот, а истовремено филмот ќе игра и во 3D киното при Центарот за култура во Битола.

Филмот минатата недела го затвори 46. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, а светската премиера ја имаше во јануари годинава на престижниот фестивал на независен филм „Санденс“, каде освои две награди. Досега „Диџеј Ахмет“ учествувал на повеќе од 30 фестивали, каде го добил вниманието на критичарите и бројни признанија.
Приказната го следи Ахмет, 15-годишно момче од оддалечено село на Јуруци во Македонија, кое бара утеха во музиката додека се справува со очекувањата на својот татко, конзервативната заедница и своето прво искуство со љубовта — девојка која веќе е ветена за друг.
Улогите ги толкуваат: Ариф Јакуп, Агуш Агушев, Дора Акан Златанова, Аксел Мехмет, Селпин Керим и Атила Клинче.