Превозникот Миломир Јаќимовиќ веќе осум дена штрајкува со глад пред зградата на Банoвина во Нови Сад. Откако дознал дека може да преземе еден од запленетите автобуси, тој го довезол токму пред институцијата. По повеќечасовни турканици со граѓаните, полицијата успеа да го тргне автобусот, при што имало и неколку полесно повредени.
Јаќимовиќ бара да му бидат вратени сите автобуси што полицијата му ги одзела, како и да се поништат милионските казни за, како што тврди, неосновани сообраќајни прекршоци.
Во меѓувреме, Дијана Хрка, која веќе 16 дена штрајкува со глад во Белград, денеска најави дека ќе го прекине штрајкот. Како причина ги наведе советите од медицинските работници и сопствените деца.
Хрка протестира со барање да се утврди одговорноста за падот на надстрешницата во Нови Сад, како и да се распишат вонредни избори.

