ДИК ги објави конечните резултати: Изборите завршени во 44 општини – во 33 следува втор круг

Државната изборна комисија (ДИК) денеска ги објави конечните резултати од локалните избори за вкупно 44 општини, од кои во 33 општини ќе се гласа повторно во втор круг на 2 ноември.

– Со денешната одлука, на вкупно 44 општини изборите за градоначалници се завршени во прв круг. Остануваат уште 33 општини кои ќе одат во втор круг – изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на продолжението на 150. седница на Комисијата.

Во однос на изборот за советници, Кондарко соопшти дека само во Општина Шуто Оризари ќе се повтори гласањето на 2 ноември, откако Управниот суд ги поништи резултатите на три избирачки места.

– По направената симулација, утврдено е дека бројот на гласачи на овие избирачки места може теоретски да влијае врз распределбата на мандатите во Советот, па затоа гласањето ќе се повтори – рече Кондарко.

ДИК потврди дека изборниот процес за советници е завршен во сите останати општини каде што не се поднесени тужби или приговори до Управниот суд.

Зачлени се на нашиот е-билтен