Секое задолжување значи раст на јавниот долг. Но ако се задолжиме за инвестиции коишто ќе дадат додадена вредност на економијата, во еден краток период ќе има повисоко ниво на јавен долг, но на еден среден рок како ќе расте економијата , нивото на јавен долг ќе се намалува. Оттука приоритет треба да бидат задолжувања коишто треба да завршуваат во квалитетни проекти коишто ќе додадат вредност на БДП и ќе имаме раст, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во синоќешното гостување во „Тема на денот“ на ТВ Сител по состаноците со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Според економистите ова е економски логично но сепак фактичката состојба и со Ребалансот на буџетот на новата влада, но и најавите за фокусот на предлог буџетот за 2025 година се гледа дека централно се застапени исплатата на пензии и плати, како и покачувањата на платите и новото линерано зголемување на пензиите, а капиталните инвестиции се планирани само во опсег на проектите на општините што според нив нема да донесе голема промена во намалување на јавниот долг, а уште помалку во раздвижување на економијата.
Во меѓувреме новата влада постојано се задолжува.
Покрај задолжувањата со унгарскиот кредит за кој едната транша од 250 милиони евра е веќе исплатена, се очекува и нова транша со истата сума, државата повторно се задолжи и преку издавање на нови три државни обврзници чија вредност е вкупно 73,8 милиони евра.
Македонската берза за долгорочни хартии од вредност објави дека првата обврзница е издадена на 19 октомври на сума од 22,66 милиони евра. Парите ќе треба да се врарат после три години и каматната стапка е пониска и изнесува 3,95 отсто.
Втората државна обврзница е на сума од 9,38 милиони евра. Нејзиниот рок на враќање е 15 години, односнио земјава ќе треба да ја отплаќа до 2039 година. Заради подолгиот рок на отплата нејзината каматна стапка е прилично повисока и изнесува 5,6 проценти.
И третиот дел на државни обврзници се на сума од 31,72 милиони евра. За користењето на овие пари државата ќе плати камата од 5,6 проценти. Сите државни обврзници без девизна клаузула.
Новата Влада уште пред ребалансот на буџетот во јули се задолжи со речиси 48 милиони евра на домашен пазар по формирањето на новата влада преку државни обврзници со рок на враќање од 15 години.
Според информацијата од берзата, овие хартии од вредност се без девизна клаузула. Емисијата е со вредност од 2.947.340.000 денари (47,87 милиони евра). Издадени се 294.734 обврзници со единечна номинална вредност од 10.000 денари. Каматна стапка е 5,6%.
Владата на 3 септемви се задолжи преку две нови аукции на државни записи во вредност од 65 милиони евра, а Министерството за финансии се задолжи за вкупен износ од четири милијарди денари, а на аукцијатабеа понудени 15 годишни државни обврзници во износ од 24,3 милиони евра со каматна стапка од 5,6%. На втората аукција беа понудени едногодишни државни записи во износ од 40,7 милиони евра со каматна стапка од 3,8%.
Износот на јавниот долг, заклучно со 31 март оваа година достигна неверојатни 8,76 милијарди евра. Состојбата станува неодржлива бидејќи од година во година се задолжуваме сѐ повеќе, а долгот за враќање ги чини македонските граѓани сѐ поскапо. Проекциите до крајот на 2024 година се дека јавниот долг ќе достигне ниво од 61,7 проценти од БДП.
Според министерката пак важно е дека на среден рок растот на БДП ќе влијае на намалување на нивото на јавениот долг.