Генералниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитријевиќ на предизборниот собир на СДСМ и Коалицијата, рече дека кандидатот на СДСМ за градоначалник, Благој Илиев, Конче ќе го направи подобро место за живеење. Тој додаде дека народот тоа добро го знае бидејќи ДПМНЕ го ‘запре напредокот на општина Конче’.
Димитријевиќ нагласи дека Конче заслужува да се врати на развојот започнат пред 2021 година, со чесност и одговорност која има Илиев и кандидатите за советници на СДСМ и Коалицијата, кои се подготвени да се борат за Конче.
„Нашиот кандидат Благој Илиев е човек со визија, енергија и чесност. Тој веќе покажа дека знае како да решава проблеми и да работи во интерес на граѓаните. Затоа на овие избори да му дадеме поддршка – за да имаме вистинска грижа за сите нас. Да гласаме за него, затоа што нашиот дом Конче заслужува повеќе“, повика Димитријевиќ.
Генералниот секретар Димитријевиќ потсети дека владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во Конче остави пустош и хаос, неостварени ветувања, исто како што Владата на ДПМНЕ и нивните сателити ја туркаат земјата во темнина, со партизација, непотизам и злоупотреби.
Нагласи дека СДСМ се бори за ред и правда, за достоинствени плати, за пензија што носи мир за пензионерите, за млади што остануваат, за општини што работат за луѓето, што се отворени, чесни и вистински сервис на граѓаните.
„Се бориме за држава што е дом за сите. СДСМ е продолжение на најсветлата традиција на Македонија борбата за слобода, рамноправност и достоинство. Нашите корени се во АСНОМ, во генерациите што ја поставија темелната вредност: државата да биде дом за сите. Но нашиот дом мора да го браниме од оние што сакаат да го присвојат само за себе, да им го одземат на граѓаните и да го злоупотребуваат, крадат и запуштаат. Се бориме за држава што не е ничија приватна сопственост, туку заеднички дом со правила што важат за сите“, порача од предизборниот собир во Конче генералниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитријевиќ.