Македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ направи успешен кам-бек во Евролигата.
Тој победи со екипата на Баерн Минхен во чиј состав дебитираше синоќа.
Во рамките на 20. коло, на натпреварот одигран во Минхен, Баерн славеше над шпанската Басконија со 96:89. Со оваа победа, германскиот состав ја забележа својата седма победа сезонава, додека Басконија остана на шест триумфи.
Димитријевиќ беше во игра нешто повеќе од 17 минути, за кои постигна 8 поени, а настапот го надополни со по 4 скокови и 4 асистенции, оставајќи солиден впечаток во своето деби.
Баерн нема многу време за одмор, бидејќи веќе за два дена го очекува нов сериозен предизвик – гостување во Атина кај силниот Олимпијакос.