– Директорот на Косовската радиотелевизија (РТК), , ја осуди вчерашната изјава на пратеникот на владејачката партија Движење самоуправување, Димал Баша, кој на прашањето на новинарката на РТК за Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово одговори дека „тоа е нешто што би ја интересирало Радио Телевизија на Србија (РТС), а не и јавната телевизија на Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ахметџекај вели дека градењето на наративот дека секој што известува поинаку од убедувањата на другите е на страната на Србија е директен напад врз работата и секојдневното ангажирање на вработените во РТК.
„Ние во РТК сме силно посветени секој ден да ја исполниме нашата мисија дефинирана со закон, а пред се да ги почитуваме професионалните стандарди. Ова е наша определба бидејќи сме РТК на јавноста. Градењето на наратив дека секој што известува поинаку од политичките убедувања на дригите е со Србија и РТС, е директен напад на нашата секојдневна работа и посветеност“, вели Ахметџекај.
Порачувајќи дека Собранието на Косово треба најостро да го осуди јазикот на пратеникот Баша против уредничката на РТК, Блерта Фониќи-Кабаши, директорот на јавниот сервис оцени дека е „парадоксално“ тоа што „на Денот на слободата на медиумите ваква квалификација прави пратеник од владејачката партија“, кој ја спореди РТК со РТС.
„Во овој контекст, Собранието на Косово, како основач на РТК, треба да ја унапреди независноста на јавниот радиодифузен сервис… и најостро да го осуди јазикот на пратениците кои градат наратив против РТК. Парадоксално, на денот на слободата на медиумите ваква квалификација прави пратеник од владејачката партија, од студиото на РТК, споредувајќи не со РТС. И зошто? Затоа што уредничката Блерта Фониќи-Кабаши го праша пратеникот Димал Баша за барање кое е јавно поднесено од косовските (меѓународни) партнери“, се вели во реакцијата на Ахметџекај.
Тој вели дека и пратеник на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК) се служел со сличен јазик пред неколку недели на една приватна телевизија. Ахметџекај истакна дека е итно да се казни ваквиот пристап и да одговараат сите оние кои имаат намера да ги заплашат новинарите.
„Пратеникот на ПДК, Ардијан Кастрати, направи споредба со РТС пред неколку месеци во студио на приватен медиум, а таков дискурс е користен и во поизолирани случаи. Итно е потребно ваквиот пристап да се казни и да одговараат сите оние кои имаат намера да ги заплашат и да им ги наметнат на новинарите пристапот и прашањата“, вели Ахметџекај.