Трупци со купишта туѓи пасоши окупирале делови од властите. Во мнозинство се под диктат на олигархиски картели и ја држат Македонија всушност, под псевдо-антибугарска окупација.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Моделот на кооперативен суверенитет презентиран во претходните делови од овој текст – со кратки мандати, тематски групи наместо партии и континуирана демократија на отчети и гласања, бара економски систем кој е исто толку флуиден и транспарентен како и гласањето. Паѓањето на една тематска група би можел да се случи во секое време, бидејќи повеќе зависи од нејзините отчети на квартали, наместо гаслајт во четиригодишни мандати како денес. А гласот, и за тие кратки временски интервали, би се трошел како батерија доколку поминува време без проверка на задолжителниот отчет. Со технолошка поддршка на временски трошлив глас разделен по тематски групи, би станало невозможно да се купи глас. Корумпираните политичари тогаш би барале начини временски да изнајмат гласови, но и тоа би им било многу мачно во блокчејн технолошки поддржан систем и загарантиран основен приход.
Очигледно, во економијата би имале некој пост-пазарен механизам, бидејќи наместо слободен пазар, каде што победува лицето со најмногу пари, ресурсите би се распределувале преку некој тежински оптимиран консензус меѓу експертските групи. Можеби заработката би била во облик на кредити, на пример преку екологија, за учество во пошумување, или кредити преку социјала, помагање на луѓе со попречености, но и преку стандардната работа што си ја вршиме со квалификација. Така, кредитите не би биле само за леб, туку и мерка за личниот импакт, што е многу почесно отколку мерката во пари. Кредитот не би можел да има потенцијал да се акумулира многу како фиксните валути или коините, а секое „дупче“ од корумпиран начин за акумулација, веднаш би бил перципиран од системот и „поправен“. Така би се овозможила пофер распределба на ресурсите во општеството.
Основата на тој механизам е луѓето да останат ангажирани околу сопственото добро, што во кооперативниот суверенитет се преведува и во општото добро. Тогаш остатоците од денешната неолиберална неофеудална олигархија би морале да се провираат низ сѐ помали дупки од системот, додека да се избришат како појава. Бидејќи, како економски лаик, веројатно сум под влијание на решенијата од Star Trek како „тежок“ фан, би оставила на економски експерти да размислат еден ден подетално за економијата при вака дизајнирани избори како највлијателен фактор за општественото уредување, за дизајнот да би бил заокружен.
Во моментов поважно е што во ЕУ, како целина, има зачетоци на дизајн на кооперативен суверенитет преку тематски групи по домени и некој рудиментиран облик на континуирана демократија. Тоа е логично, затоа што ЕУ не е држава, туку е специфична меѓународна организација. Во нејзиниот правен поредок легитимитетот е заснован на кооперација (не извира само од државите) и бидејќи постојат директни носители на права, ЕУ потсетува на овој концепт за кооперативен суверенитет. Точно дека ЕУ сè уште е државо-центрична во легитимитетот, партиите посредуваат (ЕП), бавна е во санкционирање, бавна е во испорачување… Но, на пат е да остварува легитимитет по домени, не по држави и никако по партии. Тогаш би имале субјекти кои би биле легитимни учесници во разни европски кооперативни домени. На пример соработката со македонската научна инфраструктура би била веднаш отворена, иако соработката во делот на законодавството, на пример, би била суспендирана оти таму тестот не е положен (патем, не е некаква си „домашна работа“, егзистенцијален тест е!) Ја земам научната соработка за пример, затоа што токму во тој домен веќе постои зачеток на кооперативно – суверен систем меѓу Македонија и ЕУ, преку Erasmus и Horizon.
Во суштина, кооперативните договори би биле носители на суверенитет, затоа што суверенитетот не е ниту во територијата, ниту во функционерите на власта. Уште помалку суверенитет е бегање од критериумите на ЕУ, како што нашава власт – сласт прави, спротивно од желбата на граѓанството. Бидејќи договорите имаат рокови, механизми за надзор и рецензија/ревизија, критериуми, кооперативната сувереност во ЕУ по домени е остварлива по конкретна верификувана заслуга. Така, слично на експертите од тематските групи по домени од овој дизајн, во ЕУ веќе постојат агенции, експертски тела, технички комисии кои служат за разни верификувања, надзор, проверки… Значи, легитимитет без членство би бил правно изводлив во ЕУ како платформа на договори, наместо во ЕУ – клуб на држави. Тогаш македонската влада нема да може лесно да ги држи в рака сите општествени гранки (или институции) кои би сакале да постигнат кооперативна сувереност во ЕУ. Всушност, така, ниедна автократија не би можела да го блокира целиот систем и со тоа да ја влече целата држава по калта на своето слугување на олигархијата. Добро, воглавно (!) нема ненормални влади на територијата на Европа кои не му сакаат на својот народ добро, но сепак, ЕУ би се заштитила и себе, и конкретната држава, со разделувањето на кооперацијата по домени. Таква нездрава влада не би можела да користи ни системско, ни измислено вето против државата во која се претставува за власт!
Ако си ја погледнеме меѓународната позиција во сегашноста, треба сериозно да ја сфатиме нашата позиција на малечкост, да ја минимизираме штетноста на таа позиција и да ја извлечеме сета корист од истата. Навистина, тековнава власт – сласт можеше да не биде барем таква геополитичка штеточина кон земјата што ја раководи. Дали се листа од тотално некомпетентни, или се „козата да му умре на комшијата“, или, ненамерен Монти Пајтон – нема да мислиме и на нешто пострашно од тоа. Не ја прифатија Европа како природниот брод (или воз, нели) во бурното меѓународно море, на потврдено легитимно граѓанско стремење кон ЕУ. Невнесувањето на бугарското малцинство во Преамбулата е само недоквакан изговор за недонесувањето на закони во соодветност со ЕУ при 2/3 мнозинство. Не спроведуваат сосема позитивен потег за македонскиот национален суверенитет – правење разлика со бугарскиот. Трупци со купишта туѓи пасоши окупирале делови од властите. Во мнозинство се под диктат на олигархиски картели и ја држат Македонија всушност, под псевдо-антибугарска окупација. Оттаму и празната каса, најминималната минимална плата на Балканот, инфлацијата, загаденоста, корумпираниот Кривичен … Да се потсетиме како ВЛЕН тврдеше дека е гарантор за спроведување на уставните измени само за да влезе во „сласта“. А да се потсетиме и на зафркавањето со таа гаранција.
Властите – сласти на ВМРО-ДПМНЕ, веќе има деценија како се познати по истрчувања да се упикаат во квадратните π центиметри во периметарот на нај-диктаторот од соодветниот период, што за Македонија беше штетно, во секое време. Кога беше најштетно за Македонија да се приклонат кон диктаторот Путин го правеа тоа под маса во опозиција, а сега кога е најштетно за Македонија, пак го прават тоа приклонување – но сега кон диктаторот Трамп. Така е со колонијален менталитет: Бетер од наопаку. Наместо остварување на стремежот за ЕУ, оваа власт-сласт се турка на погон од плуканки кон Европа. Дали навистина, со штетна изјава, не некој трет ешалон и не некој државен непријател, туку највисок претставник на македонската Влада ја употреби Македонија во говорот како средство за плукање по ЕУ? Да не поверува човек?! Ете, такви се самокандидирале без пристоен филтер и добиле право да ја „возат“ Македонија години и години по еднонасочна улица во спротивен правец, без никаков капацитет од знаење/способност, без можност за граѓанска изборна санкција и без надзор.
До таа мерка оваа власт – сласт е нелегитимна, што кога неколку нердови на зафрканција би направиле ВИ- симулација на „теоретска влада“, не е вон памет дека во некој момент тоа може да ја спаси Македонија! Но, ако работиме само со пештерскиве алатки, ајде барем избирачкиот список да биде вистинит секој ден од годината. Ајде секој ден да се повикува оваа власт – до каде е со пристапот кон ЕУ? Каде се промените на Преговарачката рамка со подобрите, поефикасните решенија наместо Рамката? Или одеднаш, не требало промена на Преговарачката рамка – не барала оваа влада тоа? А со „креативните толкувања“ што бидна? Нека се изјасни власта, без гаслајт, зошто ја блокира сопствената држава да не ги добие европските грантови и бенефити! Зошто воопшто постои влада која блокира влез на пари и бенефити за граѓаните кои ги претставува?! Премногу се наменски тие пари, па не можат да се ограбат лесно? Нешто не ѝ чини ЕУ-поглавјето за право, правда, администрација и тендери на власта-сласта, бидејќи тешко би се брцале рачиња во сите тие медовини?
Се сеќаваат ли воопшто на „возот“ и „бродот“ кон ЕУ на кој „цело ВМРО-ДПМНЕ“ биле, наводно, качени?