Рускиот претседател Владимир Путин ќе го прими специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, во првата половина од следната недела, објави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека Украина е во длабока криза и дека корупцијата во таа земја е поврзана со парите наменети за војна.
„Во првата половина од неделата. Ќе го објавиме точниот датум навремено“, изјави Песков пред новинарите, одговарајќи на прашањето кога би можела да се одржи средбата меѓу Путин и Виткоф, пренесува РИА Новости. Коментирајќи ги информациите за разрешувањето на шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, Песков истакна дека настаните во Киев укажуваат на длабока политичка криза.
„Во Киев се случуваат настани што покажуваат длабока политичка криза, предизвикана од корупциски скандали“, рече Песков.
Тој додаде дека корупцијата во Киев, и во минатото и сега, е најмногу поврзана со парите дадени за војната од европските и американските власти.
„Корупцијата (во Киев) отсекогаш била и останува околу парите што ги даваат Американците и Европејците за војната, тоа е факт“, заклучи портпаролот на рускиот претседател.
Русија сака мир, но мора да биде подготвена и за војна
Русија верува дека е клучно во меѓународните односи да се стремиме кон мир и да имаме надеж за позитивни исходи, но во исто време да бидеме подготвени за можни конфликти, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков, како што објави руски ТАСС, реагираше на изјавите на рускиот амбасадор во Белгија, Денис Гончар, кој предупреди дека НАТО и Европската Унија наводно почнуваат да се подготвуваат за сериозна конфронтација со Русија.
„Секако, мора да сакаме мир, но и да се подготвуваме за војна. Многу е важно секогаш да се подготвуваме за најлошото, а во исто време да се надеваме на најдоброто“, одговори Песков на прашањето дали светот треба да очекува мир или војна.
Москва во моментов преговара за Украина исклучиво со САД
„Клучните детали се доставени, а разговорите ќе се одржат во Москва следната недела“, рече Песков на прес-конференција, пренесува ТАСС.
Песков истакна дека Русија засега не го зема предвид учеството на Европа во мировните преговори.
Во разговор за телевизискиот канал „Россија 1“, Песков нагласи дека резолуцијата на Европскиот парламент, која повикува на вклучување на Европа на преговарачката маса, не може да се земе предвид во моментов.
„Не, не можеме да ги земеме предвид сега“, нагласи портпаролот на претседателот на Русија.

