Со стареењето на населението, бројот на луѓе во Германија би можел да се намали за речиси 10 милиони на околу 75 милиони до 2070 година, бидејќи генерацијата бејби-бумери им отстапува место на генерации кои се многу помали од претходните, соопшти заводот за статистика.
Најновата прогноза за населението, објавена во четврток (11 декември), вели дека за десет години, еден од четири жители на Германија ќе биде над 67 години.
До 2038 година, речиси 21 милион луѓе, или 27 проценти од населението, ќе бидат на возраст за пензионирање, според институтот.
Прогнозите доаѓаат во време кога компаниите во најнаселената земја во Европската Унија се жалат на невиден недостиг на работна сила, додека политичарите се борат да го ограничат популистичкиот отпор против имиграцијата, што помогна десничарската Алтернатива за Германија (AdF) да се искачи на првото место во многу анкети.
Системот за социјална заштита е под притисок
Германија, која, заедно со Италија, е веќе една од најстарите европски земји, се соочува и со зголемен притисок врз одржливоста на својот социјален систем.
Додека денес има 33 пензионери на секои 100 вработени, во најлош случај тој број би можел да се зголеми на 61 пензионер на 100 работници до 2070 година.
„Тогаш би имало помалку од две лица кои плаќаат придонеси за еден корисник на пензија. Притисокот врз системот за социјална заштита расте сè повеќе“, рече Карстен Ламер, раководител на одделот за демографија во институтот.
Според агенцијата, населението на Германија би пораснало само во две од 27-те разгледани сценарија, кои вклучуваат високо ниво на имиграција и зголемување на стапката на наталитет.