Голем дел од Европа се подготвува за изразен зимски студ, откако повеќе метеоролошки модели најавуваат продор на арктичка воздушна маса од исток, која околу католичкиот Божиќ ќе донесе снег и сибирски температури. Според прогнозите, нагол пад на температурите се очекува од 23 декември.
Како што наведува германскиот Weather Channel, студениот бран најпрво ќе ја зафати северна и централна Европа, а потоа ќе се прошири и кон јужните делови на континентот, вклучително и Балканот. Метеоролозите предупредуваат дека по 23 декември студениот воздух од исток ќе навлезе и во регионот, со значително пониски температури од просекот за овој период.
Во Германија и Австрија се очекуваат снежни врнежи и можност за бел Божиќ, при што во одредени подрачја може да наврне и до половина метар снег. Максималните температури во некои делови на Европа околу 26 декември би можеле да се движат и до -10 степени Целзиусови.
Според актуелните прогнози, студениот атмосферски бран постепено ќе се префрли и кон Балканскиот Полуостров. Во земјите од регионот се очекува чувствителен пад на температурите, засилување на источните и североисточните ветрови, како и појава на снег, особено во повисоките предели и планинските области.
За Македонија, метеоролошките најави укажуваат на постуден период по 23 декември, со услови за снег, најнапред на планините, а потоа можно и во некои пониски места, особено во северните и источните делови од земјата. Температурите ќе бидат значително под нулата во утринските часови, додека дневните ќе се движат околу или под нулата во дел од периодот.
Метеоролозите нагласуваат дека прогнозите сè уште можат да претрпат промени, но трендот за засилен зимски студ кон крајот на декември станува сè поизразен.