Добра вест пред празниците: Грчките земјоделци ги креваат рампите кон Македонија

Граничните премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија) кон Македонија во наредните денови ќе функционираат без прекини, откако грчките земјоделци одлучија привремено да ги суспендираат блокадите поради божиќните празници.

Според информациите од грчката новинска агенција АНА-МПА, земјоделците ќе ги тргнат тракторите од коловозните ленти и ќе ги паркираат покрај патот, со што ќе се овозможи целосно непречен сообраќај за товарни возила, туристички автобуси и патнички автомобили.

Иако блокадите формално се ставаат во мирување до петок, земјоделците ќе останат на граничните точки и планираат таму да ги поминат празниците, но без да го попречуваат движењето на возилата.

На преминот Евзони земјоделскиот протест трае од 1 декември, кога повеќе од 300 трактори беа распоредени на граничната линија, а сообраќајот секојдневно се блокираше на неколку часа. Последните денови блокадите се одвиваа само во попладневните часови.

Слична одлука е донесена и за граничниот премин Ники, каде што до петок нема да има сообраќајни блокади кон Македонија.

Од друга страна, блокадите кон Бугарија остануваат на сила. На премините Промахонас и Ексохи сообраќајот за товарни возила и натаму е ограничен.

Целта на грчките земјоделци, како што наведуваат тамошните медиуми, е за време на празниците да им овозможат на граѓаните непречено патување, без целосно повлекување на протестната механизација. Полицијата, пак, предупредува дека паркирањето трактори на рабовите на автопатите може да претставува безбедносен ризик.

Зачлени се на нашиот е-билтен