Добринт: Новата германска Влада за една недела од граница врати 45 проценти повеќе лица

Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт денеска изјави дека бројот на луѓе вратени од границата на земјата е зголемен за речиси половина во првата недела од мандатот на новата влада, откако таа ги зајакна полициските контроли на своите граници, и дека меѓу одбиените имало и баратели на азил.

Зборувајќи денеска за време на посетата на преминот Киферсфелден, на границата меѓу Германија и Австрија, Добринт рече дека во изминатите седум дена од граница биле вратени 739 лица, што е зголемување од 45 проценти во однос на бројката од претходната недела, кога беа регистрирани 511 лица.

Владата на канцеларот Фридрих Мерц, која постави построга миграциска политика како централна цел, ја презеде функцијата на 6 мај. Следниот ден, Добринт рече дека дополнителни полициски сили ќе бидат распоредени на границата за да се справи со нелегалната миграција и дека некои баратели на азил кои се обидуваат да влезат во земјата ќе бидат одбиени.

-Од 51 лице кое побарало азил на границата минатата недела, 32 биле одбиени, додека останатите биле идентификувани како членови на „ранливи групи“ и им било дозволено да влезат во Германија, рече Добринт.

Минатата недела, на сите 44 лица кои побараа азил на границата им беше одобрен влез.

Претходната германска Влада веќе воведе гранични контроли со соседните земји, кои новата администрација ги зајакнува.

Мерц вчера во својот прв говор како канцелар во Бундестагот на пратениците им порача дека Германија е и ќе остане „земја на имиграцијата“.

Зачлени се на нашиот е-билтен