Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Добро е што директорот на ЦИА не дојде во Македонија, тој посетува региони каде што се насетува војна

Денко МАЛЕСКИ*

Првата шатл-дипломатија на Балканот, по подолго време, се случува во овие врели летни денови. Тоа не е добар знак за сите нас што имаме меморија од минати времиња. Ни кажува дека уште се гаснат пожарите од последните балкански војни по распадот на југословенската федерација. Само територијата на која може да избувне пожарот е помала. Наместо, како некогаш, западен државен претставник да лета со воен авион меѓу Љубљана, Загреб, Сараево, Подгорица, Белгра и Скопје, денес шефот на ЦИА Вилијам Барнс лета меѓу Сараево, Белград и Приштина.

Вчера и денес, во некаква полутајна мисија, истакнатиот член на администрацијата на Џо Бајден, настојува да го спречи растечкиот бран на сецесија на Балканот. Сецесија, како што е познато, е еднострано повлекување на една група луѓе од постоечки политички ентитет и прогласување на независност, на која најчесто и следи војна. Во случајот со Босна и Херцеговина, сецесионистичката реторика доаѓа од водачот на Република Српска кој постојано се заканува дека ќе ја напушти федерацијата.

Во тој обид, Додик прави сојузи со Русија, Унгарија и секако со Србија. Не се знае што му порачал Барнс на Милорад Додиг но тој ја смени плочата и денес изјавува дека тој и не помислува на сецесија туку само на, како вели, унапредување на Дејтонскиот договор и тоа преку демократскиот процес!

После толку децении, не верувам дека има макар и еден човек на Западот кој му верува на балкански политичар. Додуша, западните критичари би рекле дека не треба да им се верува на политичарите генерално, но тоа не е утеха за нас во регионот.

Посетата на Приштина ја има истата цел, да изврши притисок на владата на Курти да држи чекор со американската политика и да не го злоупотребува фактот дека „грбот на Албанците“ им го чува КФОР. Зашто нема сомневање дека Американците ја знаат една од првите лекции на меѓународната политика која ја предупредува големата сила да не дозволи да биде вовлечена од страна на мала држава во сукоби кои не се компатибилни со нејзините интереси.

Србија и Белград, пак, се приказна за себе. Предупреден од Америка и од Европа да не седи на две столчиња, претседателот Александар Вучиќ, сега седи на три: Русија, Америка и Кина. Во ваква ситуација, со ширењето на војната во Украина и на Блискиот исток, пожарот може лесно да го зафати Западен Балкан. Големите сили се назад во времето на Студената војна и се раководени од начелото „она што е добо за нив е лошо за нас“, па затоа: „кој кого“. Слабата алка наречена Босна и Косово може лесно да пукне.

Во ваков политички контекст, нашите политичари, македонски и албански, мораат да бидат многу внимателни. Точно е, ние сме членка на НАТО но таа осигурителна полиса важи само ако самите се грижите да не се запали вашата заедничка куќа.

Изјавите на ВМРО-ДПМНЕ за дестабилизација на државата од страна на ДУИ  на есен можат да содржат еден грам вистина. Имено, ДУИ е на прагот да отвори дебата за поинакво уставно уредување на Македонија по угледот, како вели, на Белгија. Белгија, исто така, е држава во која безмалку секои десет години има мирни уставни реформи. Има само еден проблем за кој ДУИ мора да води сметка: ниту Албанците ниту Македонците се Белгијанци.

Можеби уште еден, дека наши комшии не се Холандија и Франција.

*Колумната на Малески првично е објавена на Либертас.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново