Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО–ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денес оствари средби со жители на Кондово и Шишево, во општина Сарај. „Бев меѓу мојот народ, таму каде што се чувствувам најприродно,“ изјави Ѓорѓиевски, додавајќи дека на терен ја претставил програмата и проектите „со кои ќе го направиме Скопје подобро и поубаво место за живеење“. На караванот конечно се приклучи и првиот дипломат Тимчо Муцунски кој до сега резидираше во САД.
Ѓорѓиевски порача дека неговата работа „не е само за време на избори“, туку подразбира постојано присуство меѓу луѓето, искрен разговор и слушање на потребите. „Да понудам конкретни решенија за нивната иднина — така беше во Кисела Вода, така ќе биде и во целиот град,“ вели Ѓорѓиевски.
Во фокусот на пораките беше еднаквоста во пристапот кон сите делови од градот и сите заедници. „Ќе работиме секаде, за сите, без разлика на вера, партија или било каква припадност, затоа што Скопје е заеднички дом на сите нас,“ изјави тој, нагласувајќи дека Сарај ќе добие „заслужена почит и внимание“. „Го давам мојот збор — Сарај е скопски бисер и заслужува да биде достоинствено место за живот,“ додаде Ѓорѓиевски.
Настанот, кому присуствуваа жители и локални активисти, е дел од серијата теренски обиколки во рамки на кампањата, во кои кандидатот ја презентира програмата по населби и најавува конкретни интервенции согласно локалните приоритети.