Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Додека бил во Белата куќа Трамп честопати кажувал дека му завидува на Хитлер

Со приближувањето на претседателските избори се јавуваат гласови кои предупредуваат дека ако се врати во Белата Куќа, поранашениот претседател Доналд Трамп може да наметне диктатура во САД. Дека Трамп е близок до она што се нарекува фашист, станува главна тема на митинзите на демократите.

Тој ги нема симпатиите и кај поискусните првенци од републиканскиот естабилишмент како поранешниот потпретседател Дик Чејни и сенаторот Мит Ромни, кои се дистанцираа од него. Кон нив се приклуќи и Џон Кели, поранешен шеф на кабинетот на Трамп кој служеше најдолго.

За дел од американските медиуми тој изјави дека републиканскиот кандидат би владеел како диктатор ако добие уште еден мандат на изборите за во Белата куќа, и укажа дека стилот на владеење на Трамп би бил близок до дефиницијата за фашизам.

Кели, поранешен генерал од Мејн, изјави дека Трамп му рекол оти (германскиот нацистички водач од Втората светска војна) Хитлер „направил некои добри работи“ и дека за некои припадници на американската армија рекол дека се „губитници и будали.“

-Најшокантно од сето ова е идејата дека Доналд Трамп постојано му кажувал на Кели и останатите колку тој му се восхитувал на Хитлер, посебно тоа како германските генерали му се потчинувале, изјави Џефри Голдберг, главен уредник на „Атлантик“, кој исто така објави статија за ова откако го интервјуирал Кели.

Според него, додека беше претседател од 2016 до 2021 година, Трамп имал проблеми со некои генерали од армијата на САД и затоа кажал дека му завидува на Хитлер за тоа како неговите генерали му се потчинувале. Тој му рекол на Кели „сакам такви генерали какви што имал Хитлер“.

-Целосно е неамерикански да се изразува воодушевување кон стилот на лидерство на еден од најголемите фашисти во историјата, изјави Голдберг.

Во меѓувреме, демократите ја искористија приликата и митингуваат со овие најсвежи критики против Трамп.

Кели бил поттикнат да се изјасни за ова по неодамнешните коментари на Трамп дека ќе презел чекори против „непријатели одвнатре“ со употреба на војската на САД, мислејќи на некои демократски првенци. Тој не подржа конкретен кандидат, но рече: „Во многу случаи, се согласувам со некои од неговите политики. Но, повторно, многу е опасно кога погрешна личност ќе биде избрана на висока функција.“

-Џон Кели целосно се посрамоти со овие веќе кажани приказни што ги измисли, бидејќи не успеа добро да му служи на својот претседател додека работеше како шеф на кабинет и моментално страда од сериозен случај на синдромот на омраза кон Трамп, изјавија од кампањата на Трамп.

Трамп не доби подршка од поискусните видни членови на Републиканската партија како Чејни, сенаторот Ромни или поранешниот гувернер на Њујорк Крис Кристи.

Лидерот на малцинството во Сенатот, Мич Меконел, републиканец од Кентаки, според приватни разговори рекол за Доналд Трамп дека е  „одвратен човек,“ „нарцис,“ „глупав“ и со „лошо расположение,“ според новата книга на новинарот на „Асошијетед прес“, Мајкл Такет. Трамп, пак, редовно го навредувал Меконел, нарекувајќи го „стара врана.“

Сепак, Меконел претходно годинава го поддржа Трамп, изјавувајќи дека тој ја заслужил номинацијата на Републиканската партија.

Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност, изјави дека тој не е толку кадарен да направи диктатура или да стане фашист во вистинска смисла на зборот

Трамп ужива подршка од некои актуелните повитални републикански првенци кои вешто играат на радикалните карти како засилена борба против нелегалната имиграција и намалување на подршката за Украина. Тоа се спикерот на Претстаничкиот дом Мајк Џонсон, сенаторот од Јужна Каролина Линдиз Грем или конгресменот од Јужна Дакота Кристи Ноем.

Борис Камчев од Вашингтон за Рацин.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново