Додик слави, Каран ќе потпишува, а Република Српска е заложник на ‘победата’ над сараевската чаршија

Синиша Каран е новиот претседател на Република Српска, но никој во Бања Лука нема дилеми кој останува вистинскиот владетел на ентитетот. Изборната победа е формално негова, суштински е уште една во низата победи на Милорад Додик, човек кој веќе три децении ја претвори Република Српска од поствоен ентитет во сопствен политички залог за преговори со светот.

Наследник без автономија

Синиша Каран доаѓа на позицијата претседател како класичен кадар за „продолжена рака“. Тој е долгогодишен човек на системот, лојален до крај и без сопствен политички профил за да му конкурира на Додик. Како поранешен министер за внатрешни работи и доверлив функционер на СНСД, Каран години наназад бил дел од механизмот со кој партијата ја контролира администрацијата, полицијата и изборните процеси во ентитетот.

На вонредните претседателски избори, организирани по судската забрана Додик да врши јавна функција шест години, Каран освои околу 50,4% од гласовите, наспроти околу 48,2% за опозицискиот кандидат Бранко Блануша, разлика од помалку од 10.000 гласови. Оваа тесна победа, прва ваква за моќната партиска машина на СНСД, кажува многу повеќе за ерозијата на режимот отколку за харизмата на „новиот“ претседател. Каран не победи затоа што граѓаните го бараа, туку затоа што Додик мораше некого да постави на местото од кое тој формално е протеран, но фактички сè уште владее.

Говор на победа или говор на страв?

Во победничката ноќ, наместо да зборува за програма, економија или иднина, Додик, не Каран, беше централната фигура на сцената. Во свој стил, тој објави дека е поразена „сараевската чаршија“, дека „меѓународниот фактор“ е ставен на свое место и дека „босанско‑муслиманските политички елити“ повторно изгубиле против волјата на српскиот народ.

Таквиот речник не е грешка во превод, туку јадрото на неговата политика: со години создава наратив во кој Бошњаците се претставени како екстремисти, „исламисти“ и закана за „христијанската Европа“, а Сараево како центар на некаква перманентна завера против РС. Во таа слика, странците се или непријатели или наивни будали, додека Додик е единствениот што „ја зборува вистината“ и „ја брани Република Српска“.

Но, дали зад гротескниот триумфализам можеби се крие страв од слабост? Оваа победа не е убедливо овенчување на една доминација, туку политичко предупредување дека дури и во услови на заробени институции, медиумска контрола и партиска вмреженост во секој дел од јавната администрација, режимот едвај успеа да издише до 50 проценти.

Република Српска како приватна држава

Додик одамна ја третира Република Српска како приватна држава. Секоја изборна победа, било лична или на негов човек, служи како нов доказ дека ентитетот и партијата се исто, а граѓаните се статистика која ги потврдува неговите претходни одлуки.

Во последната деценија, неговата еволуција е добро документирана: од некогашен „умерен реформатор“ и „пријател на Западот“ до денешен сецесионист кој негира геноцид, најавува сопствена војска, федерални паралелни институции и отворено се потпира на поддршка од Москва и Будимпешта. Секоја криза, од одлуките на Уставниот суд до интервенциите на Високиот претставник, ја користи како изговор за уште повеќе блокади, закани и уцени.

Во таков систем, Каран е идеален претседател: нема потреба да носи одлуки, само да ги потпишува; нема потреба да гради легитимитет, туку да позајмува од оној на Додик; нема потреба да зборува, бидејќи суштинските говори секогаш ги држи лидерот на партијата. Така, Република Српска не добива нов политички субјект, туку нов лик во веќе познатата претстава – со ист режисер и ист сценарио.

Цената на „победата над Сараево“ и изборите во октомври 2026

„Победата над Сараево“ која Додик ја слави има многу конкретна цена за граѓаните на Република Српска. Во име на борбата против „доселеничкиот ислам“ и „либералниот Запад“, ентитетот се движи кон сè поголема политичка и економска изолација.

РС во реалноста е доминирана од иселување на младите, јавен сектор во кој партиската книшка вреди повеќе од диплома, селективни социјални програми за лојалните и сè поизразен јаз меѓу официјалната реторика за „одбрана на нацијата“ и празните паричници во кои граѓаните ја мерат вистинската цена на таа „одбрана“

Генералните избори во БиХ во октомври 2026 година ќе бидат следниот голем тест не само за Каран, туку пред сè за Додик и неговата способност да го задржи монополот во РС. Таму каде што во овој февруари победи со малку повеќе од половина гласови, во октомври ќе треба да објасни зошто, по толку години на власт, по толку кризи и конфликти, граѓаните повторно би му дале доверба.

Веројатно сценарио е дека ќе се обиде да ги претвори изборите во нешто повеќе од класична партиска трка: во референдум за „опстанокот на Република Српска“, во кој секое прашање за корупција, сиромаштија или иселување ќе биде прогласено за „работа на Сараево и странците“. Наместо дискусија за плати, здравство и образование, јавноста повторно ќе биде бомбардирана со приказни за „нови мапи“, „нови мировни конференции“ и „нови закани“ – со една цел: стравот да ја победи желбата за промена.

Опозицијата, пак, влегува во октомври со силен аргумент: ако систем како овој, со медиуми под контрола, со јавен сектор како гласачка армија, со клиентелистички врски на секое ниво, едвај извојува тесна победа сега, тогаш режимот е ранлив. Прашањето е дали ќе успеат да го претворат тој факт во убедлива приказна за нешто подобро од ова што РС го живее денес.

До октомври 2026, Република Српска ќе живее во тоа меѓу‑простор: официјално во рамките на БиХ, симболички во наративот за сопствена држава, а практично во огледалото на човек чие име не стои на гласачкото ливче, но стои зад секоја клучна одлука. И токму тоа е најголемата политичка порака од победата на Синиша Каран. Дека изборите во ентитетот сè уште не се избор меѓу различни визии за иднината, туку референдум дали Милорад Додик ќе остане центарот на таа мала, но опасно запаллива политичка вселена.

Зачлени се на нашиот е-билтен