Документ што ја шокираше ЕУ: Зошто Кремљ ја поздравува визијата на Трамп за светот

Русија со одобрување ја пречека новата Национална стратегија за безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, оценувајќи ја како „главно во согласност“ со визијата на Москва. Контроверзниот документ, кој ја претставува Русија не како закана, предизвика остри реакции и загриженост низ цела Европска унија, пишува BBC.

Што содржи стратегијата на Трамп?

Во документот од 33 страници, кој Трамповата администрација го претстави оваа недела, се наведува дека Европа се соочува со „цивилизациско бришење“. Меѓу приоритетите на американската политика се борбата против странски влијанија, запирање на масовните миграции и одбивање на она што се перцепира како „цензура“ од страна на ЕУ.

Стратегијата користи значително поумерен јазик кон Русија, што ги загрижува европските официјални лица кои се плашат дека тоа може да го ослабне заедничкиот став кон Москва во контекст на војната во Украина. Во документот дури се обвинува ЕУ за блокирање на напорите на САД да се заврши конфликтот и се истакнува дека САД мора „да ја обноват стратешката стабилност кон Русија“ за да се „стабилизираат европските економии“.

Во извештајот се повикува на обновување на „западниот идентитет“ и се тврди дека Европа ќе биде „непозната за 20 години или помалку“, а нејзините економски проблеми се „засенети од реалната и поостра перспектива на цивилизациско бришење“. Наспроти тоа, стратегијата го слави влијанието на „патриотските европски партии“ и наведува дека „Америка ги поттикнува своите политички сојузници во Европа да го промовираат овој препород на духот“.

Кремљ задоволен, Европа во неверување

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја поздрави новата стратегија. „Прилагодувањата што ги гледаме… главно се во согласност со нашата визија“, рече Песков за руската државна агенција Тасс. „Сметаме дека ова е позитивен чекор“, додаде тој, истакнувајќи дека Москва ќе продолжи со анализа на документот.

Од друга страна, европските официјални лица и аналитичари ја одбија стратегијата, доведувајќи во прашање нејзиниот фокус и споредувајќи ја со реториката на Кремљ. Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, порача дека САД остануваат клучен сојузник, но дека треба да се постават граници. „САД ќе останат нашиот најважен сојузник во НАТО. Меѓутоа, овој сојуз е насочен кон решавање прашања на безбедносната политика. Верувам дека прашањата за слобода на изразување или организацијата на нашите слободни општества не припаѓаат во стратегијата, барем кога станува збор за Германија“, истакна тој.

Позостри беа полскиот премиер Доналд Туск и поранешниот шведски премиер Карл Билдт. Туск на своите „американски пријатели“ на социјалните мрежи напиша: „Европа е вашиот најблизок сојузник, а не вашиот проблем“, истакнувајќи „заеднички непријатели“. „Ова е единствената разумна стратегија за нашата заедничка безбедност. Освен ако нешто не се променило.“

Билдт, пак, напиша дека документот „се позиционира десно од крајната десница“.

Критики и во САД

Стратегијата, промовирајќи ја пораката „Америка на прво место“, наведува дека САД има намера да таргетира наводни бродови за трговија со дрога во Карибите и во источниот Пацифик и разгледува можност за воена акција во Венецуела. Исто така, се повикува на зголемување на издвојувањата за одбрана на Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Тајван.

Демократите во американскиот Конгрес предупредија дека ваквиот пристап сериозно може да го наруши надворешното дејствување на САД. Пратеникот Џејсон Кроу од Колорадо ја нарече стратегијата „катастрофална за угледот на Америка во светот“. Неговиот колега Грегори Микс од Њујорк рече дека таа „одбива децении американско лидерство базирано на вредности“.

Зачлени се на нашиот е-билтен