Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Документарецот „Дахомеј“ на Мати Диоп ја освои „Златната мечка“ на Берлинале

Документарецот „Дахомеј“ на францускaта режисерка со сенегалско потекло Мати Диоп ја освои „Златната мечка“ за најдобар филм на 74. Филмски фестивал во Берлин.

„Дахомеј“ е комплексен визуелен есеј во долгометражна документарна форма кој го истражува враќањето на ограбените богатства на африканското кралство Дахомеј од Париз во денешна Република Бенин. Филмот на Диоп ја истражува културата на Бенин, која била лишена од овие артефакти повеќе од еден век.

Берлинале уште од неговото основање е познат како фестивал на политички ангажираниот филм и во согласност со тој формат Диоп не ја пропушти приликата, примајќи ја награда на сцената, да испрати директна политичка порака, извикувајќи „Стојам зад Палестина!“.

Добитничката на „Златната мечка“ ја објави претседателката на жирито на Берлиналето, оскаровката Лупита Нионго, како прва црнкинка и прва Африканка која претседава со жирито на Берлинале.

„Дахомеј“ е втор африкански филм кој ја освоил главната награда на Берлинале, по јужноафриканската оперска драма на Марк Дорнфорд-Меј, „Диши Умфелумо“ во 2015. „Дахомеј“ е исто така втор документарец по ред што ја зема „Златната мечка“, по „На Адамант“ на францускиот режисер Николас Филибер минатата година.

Хонг Сангсо, миленик на Берлинале – ги освои Сребрените мечки во 2020 за „Жената што трчаше“, 2021 за „Увод“ и 2022 за „Филмот на романсиерот“ – овојпат освои Гран при на жирито-Сребрена мечка за „Потребите на патникот“, негова трета соработка со француската ѕвезда Изабел Ипер.

За најдобар режисер е награден доминиканскиот автор Нелсон Карлос Де Лос Сантос Ариас за „Пепе“, кој претставува комбинација на документарен и игран филм за нилски коњ донесен во Колумбија од кралот на дрогата Пабло Ескобар, раскажан низ визурата на нилскиот коњ. Научно-фантастичната пародија „Империја“ на францускиот автор Бруно Думон, ја доби Наградата на жирито „Сребрена мечка“.

Актерот Себастијан Стен ја освои „Сребрената мечка“ за најдобра главна улога за извртената басна „Поинаков човек“ на Арон Шимберг сместена во Њујорк, во која тој глуми човек кој се подложува на радикална пластична операција и почнува да го доведува во прашање својот идентитет.

Емили Вотсон ја доби наградата за најдобра споредна улога за застрашувачката калуѓерка во ирската драма „Мали нешта како овие“ на Тим Миелантс во која игра заедно со ѕвездата Килијан Марфи и која го отвори Берлинале.

Како гест на политичката дебата околу војната во Газа, која засени голем дел од дискусиите за филмовите на овогодинешното Берлинале, меѓународното жири додели Специјална награда за документарен филм за „Нема друга земја“, отрезнувачки поглед на обидите на израелската влада да ги протера Палестинците во Масафер Јата, село на окупираниот Западен Брег, во колективна режија на група израелски и палестински автори. „Нема друга земја“ беше прикажан во програмата Панорама, каде што ја доби наградата од публиката за најдобар документарен филм.

Излегувајќи на сцената, двајца од режисерите на филмот, Израелец и Палестинец, ги повикаа „моќните луѓе во оваа просторија“ да повикаат на прекин на огнот во Газа и да „запре окупацијата“ на Западниот Брег од Израел.

Зачлени се на нашиот е-билтен