Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски беше номиниран за награда во категоријата на долгометражни документарни филмови прикажани на BAFF (Big Apple Film Festival) фестивалот што се одржа изминатава недела во Њујорк.
Њујоршката премиера на „Љубовната соба“, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм на Северна Македонија, „Сузи Кју Продукција“ и „Аворд Филм и Видео“, се одржа на 22-ри мај во 20.30 часот во рамки на BAFF, во познатото кино Cinema Village, кое е едно од најстарите независни кина во уметничкиот дел на Њујорк, познат како Гринич Вилиџ.
Пред њујоршката публика која ја сочинуваа и претставници на македонската дијаспора во Њујорк и претставници на дипломатскиот кор, режисерката и продуцентка Сузана Диневски ja презентираше реализацијата и идејата за филмот што раскажува две паралелни интимни љубовни приказни. Главни протагонисти се две млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД Идризово. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Северна Македонија – Идризово, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.
Номинацијата на „Љубовната соба“ на BAFF е само потврда за неговиот квалитет во конкуренцијата на долгометражни филмови селектирани од целиот свет како дел од BAFF – Њујорк, што се смета за еден од најдобрите 25 филмски фестивали според списанието MovieMaking, за промовирање на најоргинални филмови од независната светска филмска продукција.
„Љубовната соба“ минатата година во март 2022 ја доби наградата на ,,Агора Докс”, на фестивалот за документарен филм во Солун, Грција а имаше и две меѓународни премиери во текот на март 2023 на филмскиот фестивал во Финекс, Аризона во САД – во категорија на светски долгометражни филмови – и на Загребдокс во официјалната селекција на регионална конкуренција.