Европската комисија (ЕК) денес објави дека ќе испита дали поранешниот европски комесар за трговија, Питер Манделсон, го прекршил кодексот на однесување на Комисијата поради неговите врски со починатиот американски осуден сексуален престапник Џефри Епштајн.
„Постојат јасни правила што произлегуваат од договорот и кодексот на однесување, кои комесарите, вклучително и поранешните комесари, мора да ги почитуваат“, изјави портпаролот на Европската комисија, Балаж Ујвари, на прес-конференција, пишува Еурактив.
Тој изјави дека Комисијата ќе процени дали, во светлината на новообјавените документи, има прекршување на релевантните правила во случајот со Питер Манделсон.
Во меѓувреме, британскиот премиер Кир Стармер нареди итна истрага за врските на Манделсон со Епштајн за време на неговиот мандат како министер во британската влада.
Манделсон, еден од клучните стратези на Лабуристичката партија при нејзиното враќање на власт во 1990-тите под Тони Блер, ја напушти партијата во неделата, велејќи дека сака да избегне „понатамошен срам“ за Лабуристичката партија.
Манделсон, кој беше разрешен од позицијата британски амбасадор во Вашингтон минатата година токму поради неговите врски со осуден сексуален престапник, беше европски комесар за трговија од 2004 до 2008 година.
Според документите објавени во петокот од Министерството за правда на САД, 72-годишниот Манделсон наводно примил повеќекратни плаќања од Епштајн на почетокот на 2000-тите.
Британската полиција започна истрага по објавувањето на документи од поранешниот американски финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, кои би можеле да укажуваат дека поранешниот британски амбасадор во Вашингтон, лорд Питер Манделсон, му дал на Епштајн доверливи информации за британската влада.
Во е-пораките што Манделсон ги разменувал со Епштајн, додека тој бил бизнис секретар во владата на Гордон Браун во 2009 година, се наведува дека Манделсон однапред го информирал Епштајн за пакетот помош на ЕУ од 500 милијарди евра за спасување на еврото, дека му испратил на Епштајн внатрешни владини информации за состојбата на британската економија во 2009 година, пишува Би-Би-Си.
Исто така, според порталот, Манделсон лобирал кај Министерството за финансии за банкарска политика по предлогот на Епштајн во 2009 година, му помогнал на инвестициски банкар, пријател на Епштајн, да обезбеди договор со владата за купување профитабилни средства во 2010 година, а подоцна се обидел да заработи пари од својата банка.
Даунинг стрит соопшти дека британскиот премиер Кир Стармер верува оти Манделсон не треба да биде член на Домот на лордовите или да ја користи својата титула.
Стармер нареди „итна“ истрага за контактот на Манделсон со Епштајн, а лорд Гарние, кој беше член на Комитетот за однесување на Домот на лордовите од 2022 до 2025 година, вели дека е многу фрустрирачки за јавноста што на луѓе кои се однесувале лошо или заслужуваат истрага за тоа дали се однесувале лошо, им е дозволено да држат титули.
Името на поранешниот британски министер, кој беше отстранет од функцијата британски амбасадор во САД минатата година поради неговите врски со Епштајн, минатата недела се појави во документи објавени од Министерството за правда на Соединетите Американски Држави.
Документите покажуваат дека Епштајн му платил 75.000 долари на Лорд Менделсон во три одделни трансакции од по 25.000 долари во 2003 и 2004 година.
Фотографии од Менделсон во долна облека беа откриени и во најновата транша од досиејата на Епштајн, а редигираната фотографија го покажува како стои до жена, чие лице не е видливо, за која тој изјавил дека не се сеќава на жената, ниту на местото и околностите во кои е направена фотографијата.
Е-поштата открила дека Менделсон бил во контакт со Епштајн откако бил осуден во 2008 година, испраќајќи му низа пораки за поддршка.