Доларот падна на најниско ниво во последните три месеци – еврото блиску до четиригодишен рекорд

Американскиот долар бележи пад на девизните пазари, достигнувајќи најниско ниво во последните три месеци, додека еврото се доближува до својата највисока вредност во изминатите четири години.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на кошничка од шест најважни светски валути, утрово изнесува околу 96,68 поени, што е пад од вчерашните 97,23 поени. Ова претставува најслаб резултат за доларот од почетокот на јули.

Во исто време, еврото се зацврсти на девизните пазари и од вчерашните 1,1775 долари се искачи на 1,1850 долари, што го приближува до највисокото ниво во последните четири години.

Ослабнување на американската валута се забележува и во однос на јапонскиот јен – курсот на доларот падна на 146,50 јени, наспроти вчерашните 147,05 јени.

Падот на доларот и зајакнувањето на еврото укажуваат на зголемена доверба на инвеститорите кон европската економија, додека американската валута се соочува со притисоци предизвикани од глобалните финансиски движења и монетарните политики на големите централни банки.

Зачлени се на нашиот е-билтен