Доларот пак падна, се очекува да паднат и каматите

Вредноста на американскиот долар во однос на кошничката водечки валути ослабна и минатата недела, трет пат по ред, бидејќи се засилија очекувањата дека Федералните резерви во септември ќе започнат со намалување на клучната каматна стапка.

Индексот на доларот, кој го мери курсот на доларот спрема шесте најважни светски валути, се лизна за 0,10%, на 97,73 поени. Во исто време еврото зајакна за 0,15% на 1,1715 долари, додека доларот ослабна 0,15% во однос на јенот, на 146,95 ¥.

Во текот на поголемиот дел од неделата индексот се движеше над 98 поени, додека инвеститорите го чекаа говорот на претседателот на ФЕД Џером Пауел на традиционалниот симпозиум во Џексон Хоул. Клучната дилема беше дали Пауел ќе сигнализира скори резови или ќе остане на ставот дека не треба да се брза сè додека не се согледа целосниот ефект од претходните мерки и царинските промени врз инфлацијата.

Најновите индикации од американската економија беа мешани: податоците сугерираат слабеење на пазарот на труд, што ја зголемува веројатноста за намалување на каматите, но воедно инфлацијата и натаму останува покачена, што ја ограничува агресивноста на евентуалниот потег. Во петок Пауел порача дека ризиците во економијата се повеќе избалансирани и дека се приближува време за прилагодување на монетарната политика — порака што пазарот ја прочита како сигнал за сечење од 0,25 процентни поени на состанокот на 17 септември.

Како резултат, доларот во последните часови од тргувањето забележа дополнително слабеење, а неделниот биланс покажува трет последователен пад на индексот. Валутните движења беа поддржани и од зголемениот апетит за ризик кај дел од инвеститорите, но и од очекувањата дека циклусот на рестрикции на каматите глобално е веќе зад врвот.

Зачлени се на нашиот е-билтен